Соопштенија

Министерот Димовски на состанок со винарските визби во Неготино
Дата на објава: 
8 Август 2011
Minister vinarii 08.08.2011 017.jpg

На заедничката средба меѓу винарските визби и на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, што се одржа денеска во винаријата ,,Бовин,, во Неготин, се расправаше за претстојниот откуп на грозјето.

Министерот Љупчо Димовски, со оглед на преговорите кои ги имаше изминатиов период со лозарите и со винарите очекува дека нема да има поголеми проблеми во годинашниот откуп.

- Можам да кажам дека залихите на вино се половина од тоа што ги имавме минатата година и тоа е добро затоа што создава добар простор винариите успешно да го извршат откупот на цела количина на винско грозје - рече Димовски.

Менаџерот на винаријата „Аневски“ Ѓорѓи Бебеџаков од Штип смета дека по оваа трета средба, поблиску е целта, да се откупи целиот род на горзје од овогодишната реколта. Тој додаде дека ланските владини мерки за субвенционирање на винарските визби дадоа голем ефект,односно при светска винска криза извозот на македонско вино се зголемил.


Противпожарните единици се на ниво на најголема мобилност за борба со пожарите
Дата на објава: 
27 Јули 2011

Во Демир Капија, Свети Николе, Гевгелија, како и во валандовскиот, во струмичкиот и во виничкиот регион, утре, четврток, 28.07.2011 година според Секторот за аналитика и истражување при Дирекцијата за заштита и спасување се очекува зголемена опасност од избивање на пожари. Поради ова, припадниците на територијалните противпожарни единици и подрачните  одделенија на Дирекцијата за заштита и спасување и на Центарот за управување со кризи и утре ќе бидат на ниво на најголема мобилност во сите региони во државава.

Сончевото и топло време според најавата на Управата за хидрометеоролошки работи ќе се задржи и во текот на утрешниот ден. Според прогнозите, кон крајот на денот можeн е развој на изолирана  нестабилност  проследена со локален пороен дожд и грмежи.

Со цел да се спречи евентуалното настанување на шумски пожари Координативното тело за заштита на шумите од пожари и овој пат апелира граѓаните да ја почитуваат воведената делумна забрана за движење во шума и шумскиот ред. Забрането и палење на стрништата.


Утре и во четврток повторно високи температури
Дата на објава: 
26 Јули 2011

Сончево и топло време со пораст на дневната температура најавува Управа за хидрометеоролошки работи за утре и задутре.  Порастот на температурите, кој според проценките на стручните лица од  УХМР, утре ќе се движат до  34, а во четврток ќе достигнат до 37 степени Целзиусови, ја зголемуваат опасноста од појава на пожари.

Координативното тело за заштита од пожари апелира граѓаните  да ја  почитуваат делумната забрана за движење во шумите, а земјоделците да не ги палат стрништата бидејќи тоа е забрането со закон.

Казната за физичките лица кои  ќе се затекнат како се движат во шума за време на забраната без посебно одобрение од  корисникот или сопственикот на шумата се движи од 2 до 3 илјади евра. Казната за правните лица кои не преземале мерки за заштита  на шумите од пожари изнесува од  15 до 20 илјади евра.


Координирани акции за справување со шумските пожари
Дата на објава: 
22 Јули 2011

Во кодинирана акција на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување и бригадите за противпожарна заштита, и денеска се гаснеа повеќе пожари во Република Македонија.

Во текот на денешниот ден, ЦУК информира дека во близина на железничката станица Рајко Жинзифов (Скопје - Велес) се појави пожар кој се проширува кон непристапен повисок планински дел, над пругата. Теренот е со сува трева и ниска деградирана шума. Поради непристапност на теренот,пожарот ќе се гасне со авион на Дирекцијата за заштита и спасување.

Вчера, на територијата на Република Македонија,  се гаснеа пожари на неколку локации. Само во скопско според Центарот за управување со кризи биле евидентирани 17 пожари каде биле зафатени локации претежно со сува трева. Во гаснењето на пожарите во скопскиот регион интервенирале пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.


Опожарени 300 хектари со стрништа, сува трева и деградирана шума
Дата на објава: 
21 Јули 2011

Околу 300 хектари стрништа, сува трева и деградирана шума се опожарени во педесеттината пожари  во државава кои биле евидентирани од страна на Центарот за управување со кризи и на чие гаснење интервенирале  територијалните противпожарни единици и стручните служби за гаснење на пожари на јавното претпријатие ,,Македонски шуми,,. Најголемиот број од пожарите (13) според Центарот за управување со кризи се случиле на територијата на Скопје. По својот интензитет и зафатената површина најголемиот пожар во скопско бил оној кој избувнал во текот на минатиот ден во близина на автопатот кај Катланово.

Во Кумановско се евидентирани 7 пожари, во Крива Паланка 5, а пожари беснеат и во Битола, Пробиштип, Кавадарци и Велес. Во струшко се запалени две локации, а по една во  Прилеп, Кочани, Радовиш, Кратово, Охрид, Кичево, Гостивар и Демир Хисар.

 


Syndicate content