Дата на објава:
3 Ноември 2017Во пресрет на годинешниот откуп на тутун, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска одржа работен состанок со Здруженијата на тутунари и откупувачите на тутун. На работниот состанок се презентираше актуелната состојба со производството на тутун, како и очекувањата за годинешните откупени количества на тутун.
Според проценките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со реколтата 2017 година, со тутун вкупно се договорени и засадени 14.342 хектари.
Врз основа на согледувањата на терен, според проценките од страна на здруженијата на тутунопроизводители и на откупувачите, годинешното производство се очекува да биде на ниво од околу 24.000 тони.
Согласно Законот за тутун и тутунски производи склучувањето на договорите за производство и откуп на тутун за годинешната реколта, заврши на 10-ти април годинава. Регистрирани се девет откупни компании, кои пријавија 29.132 договори за производство и откуп на тутун, или 1.750 повеќе договори во однос на минатата година кога беа пријавени 27.380 договори.