Новости

Финишираат подготовките за почеток на годинешниот откуп на тутун
Дата на објава: 
3 Ноември 2017
tutun2.jpg

Во пресрет на годинешниот откуп на тутун, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска одржа работен состанок со Здруженијата на тутунари и откупувачите на тутун. На работниот состанок се презентираше актуелната состојба со производството на тутун, како и очекувањата за годинешните откупени количества на тутун.

Според проценките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со реколтата 2017 година, со тутун вкупно се договорени и засадени 14.342 хектари.

Врз основа на согледувањата на терен, според проценките од страна на здруженијата на тутунопроизводители и на откупувачите, годинешното производство се очекува да биде на ниво од околу 24.000 тони.

Согласно Законот за тутун  и тутунски производи склучувањето на договорите за производство и откуп на тутун за годинешната реколта, заврши на 10-ти април годинава. Регистрирани се девет откупни компании, кои пријавија 29.132 договори за производство и откуп на тутун, или 1.750 повеќе договори во однос на минатата година кога беа пријавени 27.380 договори.


Регионална работилница за подигнување на свеста за консолидација на земјиште во Гостивар
Дата на објава: 
2 Ноември 2017
Rabotilnica Gostivar.JPG

Денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поддржано од проектот финансиран од Европската Унија - MAINLAND, кој го споведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), ја одржа првата регионална работилница за подигнување на свеста за консолидација на земјоделско земјиште кај земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште.

Целта на работилницата е да се зголеми локалната свест и разбирање за придобивките од консолидацијата на земјоделско земјиште за земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште. На работилницата присуствуваа претставници на локалните земјоделски организации, села и единици на локалната самоуправа, како и други важни локални партнери од полошкиот,скопскиот и југозападниот регион.


МЗШВ и Делегацијата на ЕУ ги прецизираа активностите за Функционалната анализа и Анализата за импактот од субвенциите
Дата на објава: 
2 Ноември 2017
eu1.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска имаше работен состанок со раководителот за соработка од Делегацијата на Европската унија, Никола Бертолини и со раководителот на секторот за оперативни работи од  Делегацијата ЕУ, Вирве Вимпари.

На состанокот се прецизираа идните активности за спроведување на проектот за Функционална анализа на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со оваа анализа ќе бидат ревидирани секторите во МЗШВ и органите во состав на министерството.

Конкретно анализата ќе опфати ревизија на работењето на администрацијата во земјоделскиот сектор кој што ги извршува стратешките и оперативните функции во МЗШВ. Исто така ќе биде анализирана и работата на  органите во состав на министерството.

Резултатите од анализата ќе се искористат за подготовка на предлог мерки со кои ќе се зголеми ефикасноста и ефективноста на функционирањето на МЗШВ.


Министерот Николовски е именуван за ко-претседател на на Меѓувладината македонско-руска комисија
Дата на објава: 
1 Ноември 2017

Владата на Република Македонија донесе решение за именување на  министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за ко- претседател на македонскиот дел на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација.

 

Во фокусот на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација, ќе бидат неколку сектори, како земјоделство,  енергетика, индустрија, трговија,транспорт, образование, наука, култура, туризам и воено-техничка соработка.

 

Целта на оваа Комисија е унапредување на трговско- економската и научно-техничката соработка меѓу двете земји.

За таа цел, во рамки на Комисијата се формирани работни групи од секој од погоре споменатите сектори, кои меѓусебно соработуваат и подготвуваат соодветни материјали за одржување на седниците на Меѓувладината Комисија.

 

Оваа Комисија беше во мирување изминатите три години поради политичката криза.


ВВ „Повардарие“ ќе го исплати долгот кон лозарите до крајот на годината
Дата на објава: 
1 Ноември 2017

Винарската визба „Повардарие“ целосно ќе го исплати долгот за откупеното грозје кон лозарите до крајот на оваа година. Оваа одлука произлезе од денешниот состанок на лозарите со менаџментот на винарската визба, кој се одржа во Неготино, а во присуство на претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и новиот градоначалник на Општина Неготино, Тони Делков.  Средбата беше организирана од страна на МЗШВ, со цел итно да се најде решение за исплата на долговите што визбата ги има кон лозарите.

 

На состанокот, менаџментот на ВВ „Поварадарие“ изрази уверување дека ќе бидат комплетно расчистени долговите кон лозарите за преземеното грозје за 2014, 2015 и за 2016 година. Од винарската визба посочија дека имаат залихи за извоз во странство од чија што продажба како што изјавија ќе се реализира исплатата на долговите кон лозарите.

 

Оваа состојба ја потврди Државниот инспекторат за земјоделство, кој изминатите денови изврши  контроли во В.В „Повардарие“ и утврди дека визбата има залихи на вино.

 


Syndicate content