Донесени и изменети пет закони во интерес на земјоделците
Дата на објава: 
3 Мај 2018
logo_mzsv.png

Собранието усвои измени и дополни на пет закони во областа на земјоделството. Станува збор за законите за земјоделство и рурален развој, за ловство, за рибарство и аквакултура, за консолидација на земјоделско земјиште и за семенски и саден материјал за растенија. Сите овие измени на закони се од исклучително значење за развојот на земјоделството, а од кои главна придобивка ќе имаат земјоделците.
Со измената и дополнувањето на Законот за земјоделско земјиште, законски се официјализира воведувањето на мерката за кофинансирање на трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација. Над 54.000 земјоделски стопанства кои имаат евидентирано земјоделски површини во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ, ќе имаат поевтино гориво за механизацијата. Со мерката драстично ќе се намалат производствените трошоци, што е еден условите за поконкурентно производство. На овој начин во земјоделството остануваат над пет милиони евра.


Рокот за поднесување барања за субвенции за обработлива земјоделска површина и по грло добиток ќе се продолжи до 12-ти јуни
Дата на објава: 
2 Април 2018
logo mzsv 1.png

Рокот за поднесување на барањата за субвенции за мерките од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2018, наместо до 15-ти овој месец, ќе се продолжи до 12.06.2018 година. За таа цел Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во координација со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ќе извршат измени на Уредбата за директни плаќања 2018, која што треба да се донесе на седница на Влада.
Првично, пролонгирањето на рокот е по барање на сточарите и ветеринарните друштва кои се изјаснија дека нема да имаат време до првичниот рок 15-ти мај да ја ажурираат бројната состојба на животните во регистарот на Агенцијата за храна и ветеринарство, што пак претставува услов за поднесување на барања за субвенции говеда, овци и кози.
Исто така продолжување на рокот бараа и производителите на лозови калеми, кои посочија дека им е потребно дополнително време за да можат целосно да ја подготват потребната документација за мерката за субвенции за произведени и продадени лозови калеми.


Објавен огласот за дел од земјиштето на Џумајлија, следуваат нови огласи за давање под закуп на државно земјоделско земјиште
Дата на објава: 
30 Април 2018
dzum2.jpg

Денеска во Службен весник се објави огласот за давање под закуп на државно земјоделско земјиште од над три хектари во регионот на Свети Николе, односно дел од земјиштето кое беше во сопственост на поранешниот агрокомбинат Џумајлија. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во с.Сарамзалино, општина Лозово, деталите за огласот им ги соопшти на земјоделците од овој регион.
Јавниот оглас е за над три хектари, а се распишуваат 907 хектари државно земјоделско земјиште, поделено 10 блока. Овие 10 блока, се дел од третата од 4-те географски целини.


Николовски: Годинава извозот на зелки е зголемен за 34 отсто
Дата на објава: 
26 Април 2018
logo mzsv 1.png

Извозот на пролетната зелка оваа година во споредба со лани е зголемен за 34 отсто, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на денешните пратенички прашања, одговарајќи на прашањето на пратеникот Никола Мицевски од ВМРО ДПМНЕ.

Николовски во одговорот посочи дека од почетокот на февруари досега се извезени околу 32,2 милиони килограми зелка во вредност од близу 9,6 милиони долари, а лани од почетокот на февруари до 30-ти април се извезени 24 милиони килограми зелка во вредност од 6,6 милиони долари.

МЗШВ и натаму континуирано се следи откупот на зелки и се преземаат конкретни мерки за извоз на зелката. Откупот на зелката започна со откупна цена од 40 денари за килограм, потоа се намали на 35 денари. Преку интензивните средби со земјоделците и откупувачите, МЗШВ, ги исполни барањата на производителите, откупната цена на зелката до празникот Велигден да биде 20 денари, и таа се задржа тогаш на тоа ниво.


Започнува исплатата за штетите од 2017, денеска исплатени 85 милиони денари за Ресен
Дата на објава: 
26 Април 2018
logo mzsv 1.png

Од денеска започна исплатата на обештетувањата од временските непогоди што се случија во 2017 година. Денеска, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, исплати близу 85 милиони денари по основ на обештетувања за 2.355 земјоделци во Ресен, како регион каде што имаше најголеми штети. Исплатата ќе продолжи континуирано во следните денови и за останатите региони кои беа погодени од временските непогоди во 2017 година.
Со исплатата ќе бидат опфатени сите 17.500 баратели кои претрпеле загуби во текот на сите пет временски непогоди што се случија минатата година и од сите региони кои беа зафатени со временските непогоди. Вкупната сума која што ќе се исплати по основ на претрпени загуби од петте временските непогоди е во износ од над 4 милиони евра.
Станува збор за временските непогоди што се случија во април, две временски непогоди во јуни, јули и септември 2017 година, проследени со обилни дождови, пороен дожд, силен ветер, електрични празнења, град. Со временските непогоди беа зафатени вкупно 36 општини.


Syndicate content