Дата на објава:
3 Септември 2011Откупот на првите количини грозје во Кавадаречко се одвива без какви било проблеми, цените се навреме истакнати, а регуларна е и проценката на квалитетот. Ова денеска директно имаше можност да го види и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски кој посети неколку откупни пунктови.
- Дојдов да се уверам како тече откупот. Посетив неколку пунктови, разговарав со оние што го произведуваат грозјето, но и со оние што го преземаат. Иако откупната сезона е на почеток, сите се задоволни, изјави Коњановски.
Целта на Владата, напомена заменик-министерот, е да помага во дијалогот меѓу лозарите и винарите за да се постигне кооперантски однос меѓу двете страни.
- Договореното е најсигурно. Затоа упорно ќе работиме на приближување и помагање на дијалогот, истакна Коњановски.
Според него, активностите на ресорното Министерство за надгледување и спроведување на откупот што почна пред околу 40 дена преку средби со винариите и лозарите веќе даваат резултат.