Македонското земјоделство останува на определбата за продукција на здрави, еколошки производи

Date of publication: 
15 May 2012
 органско.jpg

Македонија ќе продолжи максимално да ги искористува компаративните предности за органско производство, правната рамка во овој дел е веќе поставена, а финансиската поддршка постојано се зголемува. Се што беше сработено во оваа насока од 2007 година се трансформира во огромен резултат, рече денеска заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски.

Отворајќи ја конференцијата за органско производство на Институционалната мрежа на министерствата за земјоделство од медитеранските земји (МОАН), Коњановски напомена дека Македонија и натаму е лидер по органско производство во регионот. Доделувањето дополнителни 30 отсто субвенции директно влијаеше за позиционирање на државата на картата земји кои сериозно го поддржуваат и се повеќе го развиваат концептот на органско земјоделство.

- Ако во 2007 година поддршката беше околу 180.000 евра, денес е 1,8 милиони, ако тогаш имавме 266 хектари под органско производство, денес се евидентирани 5.266 или 2.000 отсто повеќе, ако бројот на регистрирани фармери кои се занимаваат со органско земјоделство беше 120, сега е над 1.300 што е повеќе од 1.000 проценти, посочи заменик министерот.

Ова се, напомена, првите, пионерски чекори по кои нема запирање. Допрва ќе следат низа активности за уште поголема промоција на органското производство не само дома, туку и пред странските потрошувачи.

Органските производи се речиси двојно поскапи од конвенционалните поради што и поддршката од државата за нив е 30 отсто поголема.

- Задоволни сме од она што досега го сторивме, но можеме уште повеќе особено во однос на зголемување на обемот на ваквиот начин на производство, како и во  однос на финансиските издатоци кон органските фармери. Со зголемувањето на субвенциите генерално се зголемува и фондот за органското производство. Таквата тенденција ќе продолжи, рече Коњановски.

Македонија како и останатите држави, додаде, е исправена пред сериозен предизвик во однос на искористувањето на расопожливите ресурси. Според Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), тие треба да се стават во фунцкија на продукција на што повеќе храна, здрава и чиста.

- Предизвикот за производство на што повеќе храна е огромен, но желбата за соочување со овој предизвик е уште поголема. Затоа мораме заеднички сите ресурси и капацитети да ги насочиме во оваа област, им порача Коњановски на учесниците.

Според Оливера Бичиклиска, одговорна за органско земјоделство во ресорното Министерство, работите одат во добра насока. Интересот на домашните потрошувачи за органските производи е се поголем. Покрај првата специјализирана продавница што почна да работи мината година во ГТЦ, следи отворање на уште една, а тоа укажува на добар, позитивен тренд.

- Се надевам дека купувачите веќе ги забележале и преработките во големите маркети, органски мед, пиперки, сирење, рече Бичиклиска.

Како што беше истакнато на конференцијата, за Македонија и останатите земји е многу важно да го развијат органското земјоделство не само од економскиот аспект, туку и поради безбедноста по здравјето на луѓето и заштитата на животната средина.

МОАН е институционална мрежа која ги обединува министерствата за земјоделство на повеќе европски и медитерански земји, Албанија, Алжир, БиХ, Хрватска, Кипар, Египет, Франција, Грција, Италија, Јордан, Либан, Либија, Република Македонија, Малта, Црна Гора, Португалија, Србија, Словенија, Тунис, Турција,..., и воедно е инструмент кој им овозможува да разменуваат информации и добри практики во органското земјоделство, како и да донесуваат заеднички стратегии за натамошен развој.

Преку глобална дебата институциите вклучени во оваа мрежа го валоризираат својот потенцијал и идентитет. Целта на МОАН е промоција на органското производство, реализирање стратегии за негов развој во европските и медитеранските земји, создавање партнерства за размена и решавање заеднички проблеми, како и поттикнување соработка меѓу ресорните министерства, институциите кои се занимаваат со органско земјоделство и националните органски мрежи и организации.

Досега, конференции на МОАН беа одржани во Италија, Турција, Сирија, Шпанија и во Тунис.