Промовирани 15 нови преводи на капитални научни наслови од областа на земјоделството и ветерината

Date of publication: 
10 May 2012
1.jpg

Петнаесет нови капитални научни наслови од областа на земјоделството и ветеринарната медицина се промовирани денеска во читалната „1000 книги“. Станува збор за дел од владиниот проект „Превод на 1000 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.

Со овие 15 книги, досегашниот број преведени, отпечатени и дистрибуирани дела во рамки на проектот изнесува 616.

- Оваа литература претставува најсилно оружје со кое идните генерации ќе се борат за подобро земјоделство, подобро лозарство, градинарство, пчеларство, производство на органска храна, поголемо и добро производство, пакување и пласман на земјоделските производи и многу други сегменти кои се од значење за аграрот, рече премиерот Никола Груевски на промоцијата.

Тој апелира младите луѓе да ги искористат овие учебници на најдобар можен начин не само за лична надградба, туку и како основна литература која ќе даде дополнителен импулс во македонската научна сфера.

- Доколку на европско и светско ниво нашите нови генерации млади луѓе бидат конкурентни со своите знаења и стручност, и Македонија ќе биде конкурентна. Доколку Македонија има што поголем број капацитетни и успешни луѓе во земјоделството и бизнисот, голем број работи ќе одат на добро. А за да биде некој успешен и добар му треба квалитетно образование, многу извори на знаење, пристап до современа, актуелна и реномирана литература, подвлече Груевски.

Како што рече заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, од денес нашите кадри од областа на земјоделството и ветерината ќе имаат можност да споредат во кои делови нашата наука е на ниво на светската, а во кои треба да се надградуваме.

- Со заложбите на Владата образованието да се направи подеднакво важно и достапно за сите, на секого да му се обезбеди можност за образување, во Македонија се остварува основната цел на секој образовен систем, младите луѓе да се подготват за своите идни струки и за животот зашто знаењето произведува знаење, потенцира ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски.

Читалната „1000 книги“, според премиерот Никола Груевски, не само што ја оправда целта, туку и ги надмина очекувањата. Моментно располага со преку 900 наслови и 9000 примероци книги. На нејзините рафтови има најсовремени светски дела од областа на  медицината, правото, економијата, природните, општествените и компјутерските науки.

Владата размислува за отворање вакви читални и во други градови низ Македонија.

- Читалната  е вистински хит претежно меѓу студентите кои ја користат, пред се, за подготвување испити. Тоа не наведе да размислиме дека можеби е потребно отворање ваков објект и во другите градови. Веќе им дадовме задача на одговорните институции да бараат соодветен простор најпрво во универзитетските градови, а потоа и во другите каде што има дисперзирани студии зашто гледаме дека многу се користи и има голем интерес, нагласи премиерот Груевски.