Министреството за земјоделство објави оглас за давање под закуп на 3642 хектари државно земјоделско земјиште

Date of publication: 
19 April 2012

Согласно одредбите од Законот за земјоделско земјиште, денеска, Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство објави јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост во 17 региони на целата територија на државава, за вкупна површина поголема од 3642 хектари. Максималната површина за која може да аплицира и да добие еден понудувач е 10 хектари.

 

Од вкупната огласена површина дури 2165 хектари се во Струмичкиот регион, над 606 во општина Гази Баба, во Дебар 296,4 хектари и 155 хектари во Штип. Според дефинираното во огласот, во Кочани слободни се приближно 82 хектари државно земјоделско земјиште, во Струга околу 68, во општина Чаир 62 и во Крушево повеќе од 38 хектари државно земјоделско земјиште кои со овој оглас се нудат во закуп.

 

Над 35 хектари државно земјоделско земјиште е огласено во Кратовко, приближно колку и во Неготино. Во Демир Хисар во закуп се нудат приближно 24 хектари, во Виница 12, а во Охрид  и Македонски  Брод околу 9 хектари. Со овој оглас, најмали површини слободно државно земјоделско земјиште се нудат  во Гостивар (4,3 хектари) и во Карпош само 1,6 хектари.

 

Заинтересираните субјекти, можат да направат увид во податоците за земјоделско земјиште од овој јавен оглас на огласна табла во подрачната единица на Министреството за земјоделство, надлежна за соодветната огласена површина.

 

Времетраењето на закупот за кој се издава земјиштето за подигање на маслинарници е за период до 50 години, за подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години, како и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам, а за рибници до 20 години. За одгледување на други земјоделски култури времетарењето на закупот е за период до 15 години, исто како и за ливади.

Право на учество на јавниот оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Физичките лица треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност и да се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства или да се трговец поединец. Ним земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи треба да им е претежна дејност. Странските правни лица имаат право да учествуваат на јавниот оглас доколку имаат регистрирано подружници во  Република Македонија. И за нив важи условот земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи да им е претежна дејност или земјоделското земјиште да им е потребно за вршење на научно-истражувачки дејности.

 

Право на учество на јавниот оглас немаат лицата кои ги немаат намирено обврските по основ на закупнина по претходно склучени договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, правните лица за кои е отворена стечајна постапка, како и непрофитните организации. Учесниците на јавниот оглас се должни да достават понуда за износот на годишната закупнина, бизнис план, целта за која ќе го користи земјиштето,програма за користење на земјиштето и други услови кои се бараат со огласот.

 

Почетната цена по хектар изнесува 25 евра во денарска противредност за земјоделско земјиште од 1 до 4 катастарска класа и 15 евра во денарска противвредност за земјоделско земјиште од 5 до 8 катастарска класа. Почетната цена на земјоделското земјиште кое се наоѓа во планински подрачја, почетната цена за земјиштето од 1 до 4 катастарска класа изнесува 15, а за земјиште од 5 до 8 класа изнесува 5 евра во денарска противврденост.

 

Образецот за учество на јавниот оглас (понуда), може да се подигне во подрачните единици на Министерството за земјоделство. Понудата треба да се поднесе во рок од 20 дена од денот на објавувањето на јавниот оглас, до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Скопје на  адреса улица Јуриј Гагарин број 15 Скопје.

 

Отварањето на понудите ќе биде јавно во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на ден 14.05.2012 година во 10 часот на улица Трета Македонска Бригада-зграда на Македонија Табак.

 

За дополнителни информации понудувачите може да ја посетат веб страницата на Министерството или да се јават на телефонскиот број 02 313 44 77 во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.