- Ministry
- About the ministry
- Public relations
- Documents
- Organic production
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Заменик министерот Коњановски на трибина за „Состојбите во млекопроизводството“,Date of publication: 30 November 2011Со добивање дополнителни десет отсто од откупната цена, македонските фармери ќе бидат стимулирани да произведуваат поквалитетно млеко, предвидуваат новите правилници што ги објави Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а ќе важат од 1 јануари идната година.
Како што беше истакнато на денешната трибина „Состојбите во млекопроизводството“ , годинава, околу 16 отсто од произведеното млеко во Македонија ги исполнува европските стандарди за квалитет. Лани, овој процент бил двојно помал.
- На македонскиот фармер денес му е прескапо производството на млеко. Тој, за жал, не е конкурентен, има ниска продуктивност по грло, фармите се мали со по максимум една до пет крави, а квалитетот на млекото е лош. Цената, пак, се приближува до европската каде што млекото е со екстра квалитет, рече Соња Србиновска, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна.
- Производителите може да се стимулираат само со плаќање на млекото по квалитет. Токму тоа ќе го овозможи имплементацијата на правилниците кои содржат нормативи за квалитет врз основа на протеини, масти и хигиена, микроорганизми и соматски клетки. Подобриот фармер ќе добива повисока цена, плус 10 отсто, додека сточарите кои не ги исполнуваат стандардите минус 10 проценти, нагласи Србиновска.
Таа препорача државата да ја спроведе политиката на овој Правилник преку субвенционирањето и апелира на поголема соработка меѓу производителите и преработувачите со потпишување конкретни договори во кои ќе бидат дефинирани обврските на двете страни.
- Целта на правилниците е да се приближиме по квалитет до европското производство. Воедно, интензивно работиме и на стратегијата која исто така треба да придонесе за подобар квалитет и производството за да не бидеме затечени кога ќе станеме дел од ЕУ. Со стратегијата ќе се определи патот по кој ќе се движат производството и преработката, истакна заменик-министерот за земјоделство Зоран Коњановски.
Не треба да се срамиме и да се плашиме да кажеме, додаде Коњановски, дека нашето млеко е здраво, но со поинакви стандарди од европското, со поголем број соматски клетки и бактерии.
Освен владината финансиска поддршка, продолжува и дијалогот меѓу трите засегнати страни, надлежните институции, производителите и преработувачите, зашто само со директни, непосредни дискусии, рече заменик министерот, може да се дојде до квалитетни решенија. Интензивно се подготвуваат и лабораториите за испитување на квалитетот на млекото. Покрај постоечката на Скопскиот, ќе бидат отворени уште две, во Штипскиот и Битолскиот универзитет.
- Решивме чекор по чекор да го подобруваме квалитетот на млекото. Тоа не може веднаш да се стори. Фармерите мора да имаат услови, но и да се доедуцираат, подвлече Коњановски.
Во 2009 година на млекопроизводителите им беа исплатени преку 290 милиони денари субвенции, а лани околу 340 милиони за иста цена од 2,5 денари/литар. Годинава имаше и дополнителна поддршка од 3,5 денари за произведено и предадено млеко во преработувачките капацитети. Федерацијата на фармери која во соработка со Сојузот на стопанските комори ја организираше трибината, најави формирање координативно тело за подобрување на состојбите во млечната индустрија. |