Владата финансиски ќе ги поддржи градинарите со дополнителни 2 милиони евра

Date of publication: 
21 September 2011
100_5492.JPG

На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата на Република Македонија на вчерашната седница донесе одлука  за издвојување на дополнителни 2 милиони евра за субвенционирање на производителите на домати и пиперки на отворено и во пластеници. Со оваа мерка, како што истакна на денешната прес конференција министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Димовски,  Владата финансиски ќе ги поддржи  производителите кои направија загуби во производството поради намалената продажба предизвикана од стравувањето од појавата на бактеријата ешерихија коли. Ваквата состојба, како што истакна тој, доведе и до ценовни пореметувања на домашниот пазар кои се одразија на ликвидноста на производителите, но и до губење на традиционалните пазари за домати и пиперки. Затоа, новата мерка која ја донесе Владата е во насока на ублажување на загубите кои ги претрпеа производителите на овие градинарски култури.

 

-Новата мерка предвидува зголемување на висината на субвенциите за домати и пиперки одгледани на отворено и во пластеници, во зависност од големината на производствената површина. Во креирањето на оваа марка, Владата се раководеше од начелото за зголемување на бројот на регистрирани, професионални земјоделци, со што поголем износ на дополнителни средства се одделуваат токму за оваа категорија земјоделци – потенцира министерот Димовски.

 

Регистрираните земјоделци, објасни тој, производители на домати кои имаат обработлива површина од 0,2 до 0,8 хектари со оваа мерка ќе добијат  ќе добијат  дополнителни 16 илјади денари, а евидентираните 12 илјади денари за истата производствена површина. На оние регистрирани земјоделци кои произведуваат на површина од 0,8 до 1,5 хектари ќе им се исплатат дополнителни 12, а на евидентираните 7,5 илјади денари. Оние регистрирани земјоделци кои произведуваат домати на површина поголема од 1,5 хектари ќе добијат дополнителни 7.5 илјади денари, а евидентираните по 5 илјади денари.

 

-За регистрираните земјоделци кои произведуваат пиперки без оглед на производствената површина новата мерка предвидува дополнителни 7,5 илјади денари, а за евидентираните по 5 илјади денари. Со основната субвенција за градинарско производство од 20 илјади денари за хектар и со мерката која вчера ја донесе Владата заради неповолните услови и штетата која се нанесе на земјоделците, Владата донесе одлука за оваа година дополнително да им помогне на производителите со издвојување на вонредни средства – потенцира тој.

 

Регистрираните земјоделски стопанства кои произведуваат домати на површина од 0,2 до 0,8 хектари ќе добијат вкупен износ на субвенција од 36 илјади денари, а евидентираните 32 илјади денари. Вкупно по 32 илјади денари ќе добијат и регистрираните производители кои имаат површина од 0,8 до 1,5 хектари. На евидентираните производители пак ќе им бидат исплатени вкупно по 27,5 илјади денари. Оние регистрирани земјоделци кои произведуваат домати на површина поголема од 1,5 хектари ќе добијат вкупно 27,5 илјади денари, а евидентираните  по 25 илјади денари.

 

На производителите на пиперки кои се регистрирани како земјоделци, без оглед на  производствената површина, според министерот Димовски ќе им се исплатат вкупно по 27,5 илјади денари, а земјоделците евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства ќе добијат вкупно 25 илјади денари.

 

-Инаку, ова е втора финансиска интервенција на Владата за поддршка на градинарското производство во интерес на земјоделците. Во почетокот на август беше донесена одлука за исплата на дополнителни два денари субвенција за килограм за земјоделците кои доматите и краставиците ги продадоа во текот на јуни, кога опасноста од појава на бактеријата ешерихија коли беше најголема. И оваа интервенција е со цел да им се помогне на земјоделците кои претрпеа големи штети од намалената продажба на доматите и краставиците – заклучи министерот Димовски.