Прва официјална средба на министрите за земјоделство на Македонија и на Израел

Date of publication: 
5 September 2011
Ministerska sredba .05.09.2011 003.jpg

Земјоделството во Република Македонија има големо значење како стопанска гранка и преку Програмата за финансиска поддршка во последните неколку години вложуваме и до 500 милиони евра кои даваат позитивни ефекти, а искуството и соработката со Израел како една од водечките земји во однос на земјоделското производство, особено во наводнувањето е особено значајно, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на денешната билатерална средба со израелска делегација предводена од Орит Нокед, министер за земјоделство и рурален развој на Израел.

На средбата меѓу другото беа договорени и конкретни проекти кои се однесуваат на семе производството и на наводнувањето. Во Македонија, со поддршка на Израел,  за 45 дена ќе почне да  се гради центар за производство на сертифициран семенски и саден материјал.

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски,  на средбата со израелската делегација го истакна неговото лично позитивно искуство со израелската Влада. Соработката во областа на земјоделството, истакна  Коњановски веќе се развива на повисоко ниво со започнување на првиот заеднички Проект кој денеска беше конкретизиран.

Првата официјална посета на министерот за земјоделство од Израел во Македонија двајцата министри ја оценија како добра иницијатива, а резултатите многу скоро ќе бидат видливи.

Министерката Нокед напомена дека целта на посетата е да се унапредат и онака добрите односи во земјоделството меѓу Македонија и Израел.

Во составот на израелската делегација се и Јицак Бен - Давид, заменик Генерален Директор за надворешна трговија, Даниел Вернер, Директор на Центар за меѓународна земјоделска развојна соработка, Давид Коен, Амбасадор на Израел за Босна и Херцеговина, Македонија и Албанија.