Утре и во четврток повторно високи температури

Date of publication: 
26 July 2011

Сончево и топло време со пораст на дневната температура најавува Управа за хидрометеоролошки работи за утре и задутре.  Порастот на температурите, кој според проценките на стручните лица од  УХМР, утре ќе се движат до  34, а во четврток ќе достигнат до 37 степени Целзиусови, ја зголемуваат опасноста од појава на пожари.

Координативното тело за заштита од пожари апелира граѓаните  да ја  почитуваат делумната забрана за движење во шумите, а земјоделците да не ги палат стрништата бидејќи тоа е забрането со закон.

Казната за физичките лица кои  ќе се затекнат како се движат во шума за време на забраната без посебно одобрение од  корисникот или сопственикот на шумата се движи од 2 до 3 илјади евра. Казната за правните лица кои не преземале мерки за заштита  на шумите од пожари изнесува од  15 до 20 илјади евра.

Според Законот за ловство казната за палење на стрниште,плевели и други растителни отпадоци се движи од 6 до 8 илјади евра за правни лица и од 1,5 до 3 илјади евра за физички лица. Освен казните за сторениот прекршок,сторителот ќе треба да ја надомести и штетата.

 

Координативното тело за  заштита на шумите од пожари им препорачува на граѓаните да ја почитуваат делумната забрана за движење во шумите, да не користат запаливи материи на отворен простор, кои можат да предизвикаат пожар од пошироки размери.

 

Телото апелира апелира до возачите и патниците со автомобили ид риги превозни средства да не фрлаат догорчиња или неизгаснати цигари за да не се предизвикаат пожари долж патните линии. Работниците пак во шума неопходно е да ги зголемат мерките на претпазливост за да не дојде до опожарување на околината.

Граѓаните можат да пријават пожар или оапсност од пожар на бесплатниот телефон за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи, на бројот 193, како и на отворената телефонска линија 02-155-22 на  јавното претпријатие ,,Македонски шуми,,.

 

Координативно тело за заштита на шумите од пожари