Втор состанок на Управен комитет за проектот ,,Развој и спроведување на агро - еколошки мерки ,,

Date of publication: 
27 June 2011
Agroekoloski merki 001.jpg

Република Македонија како кандидат за членство во Европската Унија е целосно посветена на прилагодувањето кон  aquis communitaire на ЕУ во сите области на земјоделскиот сектор, што вклучува и заштита и зачувување на природната животна средина во процесот на земјоделското производство. Токму во таа насока се и агро еколошките мерки кои поддржуваат иницијативи за одржување или менување на секојдневните практики на управување со производствениот процес, со цел да се обезбеди соодветен еколошки бенефит, истакна министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на денешниот втор состанок на Управен комитет за проектот ,,Развој и спроведување на агро - еколошки мерки ,,.

 

Во првите шест месеци од спроведувањето на проектот, беше направен значителен напредок особено на полето на легислативата и процесот на програмирање. Направената анализа на обемното релевантно примарно и секундарно законодавство резултираше со конкретни препораки за дејствување, со цел да се создаде соодветна законска основа за спроведување на агро-еколошките мерки, што подразбира измени во националното законодавство и негово усогласување со европското во областа на агро екологијата.

 

Како една од главните задачи на проектот беше подготовка на Агро еколошка програма за спроведување на ИПАРД мерката 201, согласно целите на заедничката земјоделска политика на ЕУ. Преку програмата ќе им се даде можност на земјоделците кои одгледуваат автохтони животни - буши и овци, производители на вино од сортата станушина, како и производители на јаболка, органски зеленчук и медицински растенија, да го применат концептот на агро екологија во своите земјоделски пракси. Нашата цел е овие производители да ги охрабрат поголемиот број македонски земјоделци во иднина да применуваат производни методи со кои ќе се овозможи заштита и подобрување на животната средина, почвата, природните ресурси и генетската диверзификација истакна министерот Димовски.

 

Во ИПАРД програмата 2007-2013 се предвидени финансиски средства за агро екологија, чија апсорпција треба да започне најдоцна до 2012 година. Од друга страна пак, искористувањето на расположивите средства, ќе значи добробит за целото македонско општество, во кое водата и пчвата ќе бидат заштитени, a на македонските граѓани ќe им биде достапна поздрава храна.

Проектот ,,Развој и спроведување на агро - еколошки мерки ,, е поддржан од ЕУ.