- Ministry
- About the ministry
- Public relations
- Documents
- Organic production
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Министерот Димовски се обрати на конференцијата за малите фарми и глобализацијатаDate of publication: 13 May 2011Министерот за земјоделство, шумарство и водостопaнство Љупчо Димовски денеска се обрати на министерската конференција на земјите членки на Централно европската иницијатива што се одржа денеска во Белград,Република Србија, а на која се расправаше за интеграцијата на малите земјоделски стопанства и фарми во глобалниот пазар. На конференцијата присуствуваа министри за земјоделство од 18 земји членки на ЦЕИ, а специјални гости беа министерите од Португалија,Ирак и Литванија. Во рамки на конференцијата министерот Димовски се сретна со Премиерот на Република Србија Мирко Цветковиќ,словенечкиот министер за земјоделство Дејан Жидан и министерот за земјоделство на Црна Гора Тарзан Милошевиќ. Во обраќањето министерот Димовски истакна дека Република Македонија е држава со мала, но, отворена економија кон светскиот пазар. Во април 2003 година, нашата држава стана членка на Светската трговска организација. Станувањето на дел од големото трговско семејство за нас значеше обврска во наредните пет години да ја прилагодиме надворешно-трговската политика со правилата на Светската трговска организација (СТО). ,,Во април 2008 година целосно ги имплементиравме обврските и политиките кои важат за земјите членки, како и договорите за слободна трговија во рамки на СТО. Покрај ова, нашата земја во 2001 година ја потпиша спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ, а од 2005 година го доби и кандидатскиот статус,,- рече министерот Димовски. Членки сме и на ЦЕФТА како регионална трговска асоцијација, додаде, а имаме потпишано и повеќе билатерални трговски договори со кои презедовме обврска за либерализација на македонскиот пазар. На ваков начин обезбедивме слободен пристап на македонскиот пазар и на сè поголем број производители од регионот, од земјите членки на ЕУ, на СТО, како и од оние држави со кои имаме склучено договори за слободна трговија. - Во вакви услови на стопанисување, значително е зголемена конкуренцијата на македонскиот пазар со што се погодени одредени гранки, пред се од земјоделско-прехранбениот сектор, чија конкурентска способност е помала од онаа на развиените економии. Настојувајќи да ја ублажи ваквата состојба на домашниот пазар, политиката на македонската Влада во областа на земјоделството изминативе пет години е примарно насочена кон поддршка на производството на конкурентните производи за да се стимулира извозот- додаде тој. Се води, и сметка за поддршка на производителите преку субвенционирање на оние култури чии потенцијали за производство не се доволно искористени за да се зголеми домашното производство, а со тоа да се намали зависноста од увоз. Според министерот Димовски, земјоделско-прехранбениот сектор има големо значење за Република Македонија. Заедно со преработувачката индустрија учествува во креирањето на БДП со повеќе од 16 проценти. Оваа најголема фабрика под отворено небо во Република Македонија ангажира околу 20 проценти од работоспособното население и го претставува витално важниот сектор кој ги обезбедува домашните потреби за храна и за извоз. - Пред Република Македонија сега е предизвикот сериозно да се вклучи во глобалниот систем на светската економија, а тоа од нас бара голема посветеност за зајакнување на конкурентноста на земјоделско-прехранбениот сектор. На големиот пазар се уште се бориме со релативно малите серии на производи и слабата конкурентност во одредени сектори. Ваквата состојба е последица на неколкудецениската недоволна грижа за секторот за производство на храна, немањето стратегија за развој и за зголемување на конкурентноста на македонскиот аграр, посочи тој. За подобрување на конкурентноста и продуктивноста на земјоделството во Република Македонија, во прв ред на малите фарми кои доминираат кај нас, почнувајќи од пред пет години, драстично го зголемивме буџетот за примарното производство и годинава изнесува 115 милиони евра, споредено со симболичните седум милиони во 2005 година. - И покрај напорите на Владата и големата финансиска поддршка што му ја дава на примарното производство за да се зголеми продуктивноста и конкурентноста кај македонските фармери, за жал, сè уште постојат ограничувачки фактори за да се постигнат побрзи резултати, истакна министерот. Комерцијалните компании од земјоделскиот сектор кои најчесто потекнуваат од поранешните општествени претпријатија - комбинати, стопанства и задруги во најголем дел се големи и развиени стопанства. Тие поради големината, поголемата организираност, но и затоа што поседуваат поголеми земјишни површини, во производството применуваат современа технологија, агротехника и механизација. Станува збор за пазарно ориентирани субјекти кои во пократок временски период, користејќи ги придобивките на владините политиките за зголемување на конкурентската способност, успеваат да се одржат на домашниот пазар и да извезуваат. Тие успеваат да ги достигнат стандардите за квалитет, и остваруваат конкурентни цени. И покрај ова, нагласи Димовски, комерцијалните земјоделски компании го претставуваат помалиот дел на македонската земјоделска структура. Нивниот број е околу 300 и тие обработуваат околу 15 отсто од земјоделското земјиште во Република Македонија. - Состојбата во која доминираат малите семејни фарми за македонската Влада е голем предизвик за градење на политиките за развој на земјоделството. Обезбедувањето оддржливост на овие стопанства на глобализираниот пазар и нивно подготвување за идно целосно интегрирање на Република Македонија во ЕУ, е задача на политиките кои Владата ги спроведува и ќе ги креира и во идниот период, подвлече Димовски. За постигнување на оваа цел, во директната поддршка, субвенциите за малите фарми по единица површина се фаворизирани преку систем на модулации односно износот на субвенциите за овие фарми се исплаќа 100 проценти од предвидената мерка, додека кај поголемите има намалување соодветно на модулацијата. ,,Преку програмите за субвенционирање креирани се и мерки за поддршка на економското здружување, односно формирањето на земјоделски задруги која претставува интегратор на малите и фрагментирани земјоделски стопанства,, - потенцира на крајот од обраќањето Димовски. |