- Ministry
- About the ministry
- Public relations
- Documents
- Organic production
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Исплатени 4,59 милијарди денари за субвенции во земјоделствотоЗа финансиска поддршка на земјоделството во 2010 година согласно владината Програмата до 11 април се исплатени 4,59 милијарди денари, информираа на денешната заедничка прес-конференција вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
Вицепремиерот Пешевски посочи дека само во лозарството за 2010 година по разни основи се исплатени субвенции во вкупен износ од приближно 10,75 милиони евра.
- Овој износ на субвенции за лозарите досега како износ не е забележан во историјата на Македонија и е апсолутно највисок износ што која било влада кога било го исплатила за лозарите. Тоа ја покажува политичката определба, но и стратегијата на Владата и понатаму да продолжиме со слични мерки за стимулирање на лозарството, кое традиционално е една од најсилните гранки со голем извозен потенцијал, рече Пешевски. Во оваа сума, додаде, спаѓаат и над два милиона евра исплатени до денеска за два денара за килограм предадено грозје со кои Владата интервенираше за да се справи со проблемот што се создаде лани со откупот на грозје.
- Резултатите генерално гледано беа позитивни и ние сме умерено задоволни, рече Пешевски и посочи оти од овие средства речиси еден милион евра се исплатени за лозарите во Кавадарци и околу 750.000 евра за лозарите во Неготино.
Министерот Димовски информира за досега исплатените средства во согласност со Програмата за финансиска поддршка на земјоделството во делот на растителното производство и во сточарството. Тој посочи дека остануваат до крајот на месецот да се доисплатат уште 325 милиони денари по основ на зголемен откуп на грозје кон винарските визби, за одредени мерки за растително и сточарско производство по одредени подрачни единици. Вицепремиерот Пешевски се осврна на позитивните трендови во однос на откупот и продажбата на земјоделските производи, особено во првите два месеца од годинава, кои подвлекува, ги надминуваат очекувањата.
- Согласно податоците од Државниот завод за статистика во јануари годинава во однос на јануари минатата година вредноста на откупот и продажбата на земјоделските производи е за 222 проценти поголема, а вредноста на откупените земјоделски производи од индивидуалните земјоделски произведители е поголема за 150 проценти, додека продажбата од сопственото производство на претпријатијата е зголемена за 330 проценти, вели Пешевски.
Во февруари вредноста на вкупниот откуп и продажба на земјоделски производи е зголемена за 191 процент во однос на истиот период лани, кај индивидуалните производители има зголемување од 357 отсто.
Во однос на земјоделски култури пораст на количината односно на вредноста се забележува речиси кај сите земјоделски култури, а најголема е кај компирот каде произведеното количество е за 360 проценти поголемо, а неговата вредност е зголемена за 1.800 проценти. Кај зелката порастот во количината е за 53 проценти, а во однос на вредноста е 240 проценти. |