Министерот Димовски на отворање на првата специјализирана продавница за органски производи во Македонија

Date of publication: 
9 April 2011
100_4848.jpg

Во  нашава земјава веќе постои категорија потрошувачи кои се заинтересирани органска храна, биолошки најчиста, здрава. Се надевам дека ова нема да биде прв ваков објект, туку само поттик за отворање што повеќе, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по отворањето специјализираната  продавница за органски производи.

 

Идејата за реализирање на целиот проект околу „БИОкулт“, велат менаџерите, базира на фактот дека органската и свежо подготвената храна се клуч за здравјето на луѓето.

 

Кога се во прашање животот и здравјето на луѓето, органските производи може да си ги дозволи секој, независно од цената. Наместо да ја полнат корпата со секакви продукти, потрошувачите е подобро да ја наполнат само една третина со здрави артикли, рече сопственичката Снежана Јовановска.

 

Владата во целост ги поддржува органските фармери. Само лани за субвенции беа издвоении околу 70,8 милиони денари, а годинава речиси 50 отсто повеќе или 110 милиони. Следната година, напомена министерот Димовски, зголемување повторно ќе има зашто е се поголем и интересот кај земјоделсците за овој бизнис.

 

Во 2005 година Македонија имаше 226 хектари под органско производство, а сега се над 5.000, додека од тогаш евидентираните 50 фармери кои се занимаваат со органско земјоделство, денес се регистрриани 565 или 11 пати повеќе. Веќе се лиценцирани и овци за органско производство на млечни месни производи.

 

Според последните податоци, 3.000 хекатри се под органски житарици, 1.000 хектари се органски фураж, 350 хектари се органски овоштарници, 245 хектари се органски лозови насади, а 200 хектари се органски градинарски култури.

 

Повеќе од 2.500 артикли со сертификат за 100 процентно органско потекло може да се купат во продавницата „БИОкулт“ што беше отворена денеска. Освен храна, овој прв специјализиран центар за органски производи во Македонија, на потрошувачите им нуди и органска козметика за лице, тело и коса, еколошки средства за лична хигиена и за чистење во домаќинството, суплементи, како и храна за бебиња од органско потекло, пелени, цуцли и шишиња.