Конференција за намалување на последиците од климатските промени во земјоделството

Date of publication: 
6 April 2011
Minister Svetska banka 06.04.2011 015.jpg

Долгорочното влијание на климатските промени и предвидените негативни ефекти врз земјоделството, шумарството, водните ресурси, безбедноста на храната и биолошката разновидност,  како и можните препораки за најсоодветен пристап во намалувањето на чувствителноста и прилагодување кон климатските промени, ќе се вброи меѓу приоритетите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, истакна министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на конференцијата за намалување напоследиците од климатските промени.

 

Климатските промени се комплексно, глобално прашање чие влијание се очекува да предизвика хронични проблеми во земјоделскиот сектор, кој се издвојува како еден од најважните сектори во стопанството, особено поради неговото значење за социјалната сигурност и намалувањето на сиромаштијата. Имајќи го предвид овој факт, Министерството за земјоделство ќе преземе иницијатива за спроведување на политиките на ублажувањето на негативните влијанија од климатските промени.

 

На иницијатива на Светската Банка, Република Македонија истакна министерот Димовски,е вклучена во регионалната студија за утврдување на приоритетни можности за прилагодување на земјоделскиот сектор на климатските промени. Во првата фаза од оваа студија се презедоа активности за подигнување на свеста на најчувствителната целна група, за заканите и влијанието од климатските промени, во рамки на Работилницата одржана во мај минатата година. Втората фаза на студијата опфати квантитативна и квалитативна анализа на можностите за прилагодување на климатските влијанија, по која следеа неколку работилници со македонските земјоделци и експерти од оваа област, во декември 2010, во јануари 2011, како и во април 2011 година.

 

Анализата е спроведена со цел да се добијат резултати за конкретните агроеколошки зони (АЕЗ) на Република Македонија, за клучните земјоделски култури важни за македонското земјоделство, низ повеќе сценарија за идните климатски промени. Резултатите од извршената анализа како и информациите прибрани од работилниците со земјоделците, го поткрепуваат фактот дека постои тренд на зголемување на температурите во Република Македонија.

 

Третата фаза на студијата има за цел да развие план за подготовка на македонскиот земјоделски сектор, со цел да биде поотпорен на постојните и предвидените промени на климата.