Министерот Димовски оствари уште една средба со претставници на Сојузот на здруженија на тутунопроизводители

Date of publication: 
19 January 2011
prilep.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, денеска во Прилеп оствари средба со највисоките претставници  на Сојузот на здруженија на тутунопроизводители со цел координирање на активностите кои се во насока на реализирање на заклучоците од последната собраниска седница за надминување на проблемот со откупот на тутунот.

Во плодна атмосфера на состанокот се дискутираше за заклучоците и препораките од тематската седница. Според министерот Димовски,  на средбата станало збор за сите отворени прашања и проблеми во работењето на поверениците како и за начинот на работење на проценителите, посебно за секој од 212 откупни пунктови за тутун  во  државава.

Анализирано беше спроведувањето на  преземените обрвски  на секоја откупна компанија. За надминување на актуелната состојба со откупот на тутунот, министерот Димовски и претставниците на Сојузот договорија преземање на координирани идни чекори.

-Во соработка со Државниот инспекторат за земјоделство и Сојузот на здруженија на тутунопроизводители го прецизиравме планот за реализирање на одвоени разговори меѓу откупните претпријатија од една страна и Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство и Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители од друга страна. Усогласени се ставовите за измените на Законот за тутун и тутунски преработки и Правилникот за класите на тутун – истакна министерот Димовски по средбата.

Во работната група за законските измени, како што појасни тој, активно учествуваат и претставаниците на тутунарите.

На состанокот беше потврден заедничкиот став на Министерството и на Сојузот дека овие измени треба во што пократок период да бидат ставени во владина процедура, а потоа доставени до Собранието на Република Македонија. Овие измени како што рече министерот Димовски сега се наоѓаат во завршна фаза пред нивно доставување.