Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ги зајакна контролите при откупот на тутунот

Date of publication: 
5 January 2011

Во насока на гарантирање на целосна примена на одредбите од Законот за тутун и тутунски производи, покрај континуираниот и засилен инспекциски надзор, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство превзема дополнителни мерки за засилен мониторинг на откупот на тутун. За таа цел покрај активните 40 инспектори на Државниот инспекторат за земјоделство, ангажирани се дополнителни 60 вработени од подрачните единици на министерството и советници од Агенцијата за потикнување и развој во земјоделството, кои почнувајќи од денеска ќе бидат присутни на откупните пунктови.

 

Зависно од потребата на откупниот пункт, дополнителните контролори повремено или постојано ќе ја следат состојбата со откупот на тутун, особено во делот на исполнетост на условите за откупниот пункт и правичната проценка на квалитетот на тутунот.

 

Со цел информирање на тутунарите за нивното право на приговор на проценката на тутунот и можноста за повторна комисиска проценка, на секој откупен пункт ќе биде поставено и Соопштение за начинот на поведување на постапката.

 

Истовремено, Државниот инспекторат за земјоделство продолжува со строгите контроли кај откупувачите за правилна имплементација на Законот за тутун и тутунски производи. Од досегашните контроли за пет откупни претпријатија издадени се вкупно 25 казни во висина од околу 150.000 евра. Казните се однесуваат за ненавремено отворање на откупни пунктови, не поседување на мерни инструменти за влага на тутунот и за не вршење на откуп според мерилата.

 

Со сите превземени мерки министерството за земјоделство го гарантира доследното спроведување на законите во интерес на тутунарите, и најавува дека во откупот на тутунот нема да бидат толерирани никакви обиди за промоција на било какви други интереси.