СООПШТЕНИЕ

Date of publication: 
21 July 2010

Одлука за воведување на мерка за заштита на пазарот на пченица и брашно, со врзување на количините на увоз на пченица и брашно, со откуп на пченица произведена во Република Македонија


Имајќи ги во предвид дека постои опасност од сериозно нарушување на пазарот со пченица во претстојниот период кое може да ги загрози целите на националната земјоделска политика, а со цел ублажување на дисбалансот на пазарот на пченица во однос на зголемената понуда и намалување на пазарната цена под прагот на рентабилност, Владата на Република Македонија на предлог на Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе Одлуката за воведување на мерка за заштита на пазарот на пченица и брашно, со врзување на количините на увоз на пченица и брашно, со откуп на пченица произведена во Република Македонија (Службен весник на Република Македонија бр.94).

 

Оваа мерка за заштита на пазарот со пченица е од привремен карактер и има за цел уредување на пазарот со пченица во насока на влијание на понудата на пченица на пазарот, и осигурување на откупот на домашната пченица, и ќе се спроведува се додека не помине нарушувањето или опасноста од нарушувањето на пазарот со пченица во Република Македонија.

 

Законската основа за воведување на ваква мерка е согласно член 46, став 4 од Законот за земјоделство и рурален развој (Службен весник на Република Македонија бр.49/10).

 

Според Одлуката, увозот на меркантилна пченица се поврзува со извршен откуп на пченица од род 2010 година од домашно производство, со право на увоз на 1 килограм на 3 килограми извршен откуп. Увозот на брашно од пченица се поврзува со извршен откуп на пченица од род 2010 година од домашно производство, со право на увоз на 1 килограм на 4 килограми извршен откуп.

 

Одлуката за воведување на мерка за заштита на пазарот на пченица и брашно, со врзување на количините на увоз на пченица и брашно, со откуп на пченица произведена во Република Македонија се спроведува од страна на Царинската Управа на Република Македонија врз основа на податоците од Записникот за откупени количини домашна пченица подготвен од страна на Државниот инспекторат за земјоделство.


Инспекциски надзор за откупени количини пченица произведени во Република Македонија ќе се изврши во рок од 7 денови од денот на приемот на Барањето за инспекциски надзор за откуп на пченица од реколта 2010 година, поднесено од страна на откупувачите на пченица произведена во Република Македонија.

 

Образецот на Барањето за инспекциски надзор за откуп на пченица од реколта 2010 година може да се подигне во сите Подрачни единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) кај Државниот инспектор за земјоделство или да се симне од веб страницата на МЗШВ (www.mzsv.gov.mk).


Пополнетото Барање за инспекциски надзор за откуп на пченица од реколта 2010 година се доставува до Подрачните единици на МЗШВ кај Државниот инспектор за земјоделство. Кон Барањето се приложува таксена марка од 50 денари.

 

Заради брзо и ефикасно извршување на инспекцискиот надзор за откуп на пченица од реколта 2010 година, откупувачот треба да ја има на располагање целокупната документација за извршен откуп на пченица од реколта 2010 година (преглед заверен и потпишан од одговорното лице во правното лице со следните податоци: име и презиме на физичкото лице, назив на правното лице, ЕМБГ, ЕДБ, населено место и општина, број на кантарна белешка, дата на откуп и откупена количина на пченица во килограми) и изјава од одговорното лице во правно лице заверена на нотар дека податоците наведени во прегледот се точни и веродостојни.

 

Копија од записникот за откуп на пченица од реколта 2010 година со датум, потпис и печат добива откупувачот на пченица на денот на извршување на инспекцискиот надзор.

 

При увозот на пченица и брашно, откупувачот на пченица, покрај неопходната царинска документација за увоз на пченица и брашно треба да го приложи и Записникот за откуп на пченица од реколта 2010 година.


Одлуката за воведување на мерка за заштита на пазарот на пченица и брашно, со врзување на количините на увоз на пченица и брашно, со откуп на пченица произведена во Република Македонија и Барањето за издавање на записник за откупени количини на пченица од реколта 2010 година се дадени во прилог.

Додаток за превземање: 
Додаток за превземање: