Министерот Димовски присуствуваше на почетокот на полнењето на акумулацијата Кнежево од хидросистемот „Злетовица“

Date of publication: 
19 July 2010
Zletovica.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, денеска присуствуваше на почетокот на официјалното полнење на акумулационото езеро од хидросистемот ,,Злетовица,, во локалитетот Кнежево. Министерот Димовски истакна дека со полнењето на акумулацијата е завршена првата фаза од изградбата на хидросистемот „Злетовица“, повеќенаменски систем финансиран од страна на Владата на Република Македонија.

 

-Изградена е акумулација, придружни објекти, водозафати и цевковод и SKADA-систем објекти предвидени со првата фаза. Средствата за реализација од првата фаза на ХС „Злетовица“ се обезбедени од кредит од Јапонската банка за меѓународна соработка во износ од 70 милиони евра по што следуваа и изградбата на браната со придружните објекти. Браната е висока 75 метри, долга околу 3,8 километри, со можност за акумулирање на 23,5 милиони метри кубни вода- рече министерот Димовски.

 

Следните месеци, додаде тој, планирано е да заврши монтирањето на хидромеханичката опрема за целосно затворање на браната, а до крајот на октомври да заврши уредувањето на круната на браната, пробивањето на патот до селата, изградба на Кучешкиот зафат и цевковод, изградба на пунктна станица за Кратово и завршување со антиерозивните мерки.

 

- Во завршна фаза е изградбата на управната зграда за SKADA-системот по што до крајот на август по вселувањето на овој објект и монтирањето на опремата се предвидува ставање во функција и на овој систем. Преку ХС „Злетовица“ за околу 110.000 жители од општините Штип, Свети Николе, Кратово, Пробиштип, Лозово, Карбинци и Злетово ќе се обезбеди квалитетна вода за пиење, истакна министерот Димовски.

 

Во втората и третата фаза од изградбата на ХС „Злетовица“, предвидено е наводнување на 4.070 хектари земјоделска површина и годишно производство на околу 50 GWh електрична енергија од повеќе мали хидроцентрали по течението на Злетовска Река. Изградбата на втората и третата фаза, ќе биде реализирана за две години.

 

Во изминатата недела, завршени се потребните градежни активности за полнење на браната. Според директорот на хидросистемот „Злетовица“ Стојан Миланов, од денеска и официјално започнува со континуираното полнење на акумулацијата. Процесот за затворање на браната е успешно завршен и истиот е многу битен за функционирањето на овој хидроенергетски систем.