Заменик министерот Иваноски ги презентира политиките за договорно производство и за здружување на преспанските земјоделци

Date of publication: 
29 June 2010
100_3400_mala.jpg

Регулирање на трговијата преку договорно производство, откуп на земјоделски производи врз основа на писмен договор, склучен за минимум 50 проценти од реализираните количини, најмалку 45 дена пред вршењето на откупот, нуди новиот Закон за земјоделство и рурален развој кој е на сила. Во договорот мора да биде наведен видот на земјоделскиот производ кој се продава, неговиот квалитет, цена и количина. Мора да се назначи времето на важност на договорот, начинот и рокот на исплата на откупените количини, како и одредби за престанување и раскинување на договорот. Ова им го пренесе на земјоделците од Преспа, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Перица Иваноски, на форумот за политика за квалитет и здружување кој се одржа во Ресен. Презентирајќи ја законската рамка за договорното производство тој истакна дека измена на договорот за откуп , договорните страни можат да направат најдоцна 10 дена пред предавањето на производот од договорот.

 

- Точниот износ на цената се утврдува најдоцна на денот на откупот, во рамки на договорениот опсег, но, земјаќи ја во предвид пазарната цена.Ако таа е повисока од максимално договорената, откупната цена е онаа која со договорот е максимално договорена. Ако пак е пониска, од минималната во договорениот  опсег, тогаш таа ќе биде минималната во договорениот опсег – рече заменик министерот Иваноски.
Откупот на земјоделски производи, додаде тој, се врши на откупни места одредени од откупувачот каде задолжително се истакнуваат цените за секоја категорија и квалитетот на земјоделските производи, најмалку 10 дена пред почеток на откупот.

 

- Исплатата на откупнеите количини се врши најдоцна во рок од 30 дена од денот на откупот. Договорот може да предвидува и авансна исплата со исплата на остатокот на вредноста на производот најдоцна до 180 дена од денот на откупот, или исплата на средства во висина до 20% од вредноста на производот во рок од 20 дена од денот на откупот и рокот на исплата на остатокот од вредноста, не подолго од 180 дена од денот на откупот.  Производителот не смее да склучува договор за количини на даден земјоделски производ за кои има склучено договор со друг откупувач. Откупувачот е должен да го извести МЗШВ за секоја измена на одредбите од договорот во рок не подолг од осум дена од настанатата измена - рече заменик министерот Иваноски.

 

Тој им објасни на производителите дека откуп на земјоделсски производи може да врши само правно лице кое е регистрирано за преработка на земјоделски производи и за вршење трговија  со земјоделски производи, а кое е запишано  во регистарот на откупувачи при Министерството за земјоделство. Согласно Законот за земјоделство и рурален развој, правното лице треба да е ликвидно, односно да има  средства за откуп  и да има соодветни објекти за вршење на откуп на земјоделски производи.

 

На форумот  беа презентирани и  мерките за поддршка  за воведување на стандарди за квалитет и безбедност на храната, значењето на здружувањето на земјоделските производители, како и мерките за рурален развој од националните програми за 2010 година и ИПАРД програмата.