Годишно собрание на ФФРМ

Date of publication: 
13 May 2010
Sobranie na FFRM 019.jpg

Владата и натаму останува исклучително посветена на аграрниот сектор, истакна ресорниот министер Љупчо Димовски во денешното обраќање на Генералното собрание на Федерацијата на фармери на Република Македонија.

 

Министерот Димовски напомена дека државата ги смета здруженијата на земјоделците за свои партнери и неизбежно ги консултира при донесувањето на позначајните закони и прописи, како и при реализирањето какви било активности во земјоделството.

 

- Неколку години по ред Федерацијата активно учествува во изготвувањето на програмите за финансирање на земјоделството со свои сугестии. Целта на ваквата соработка е заедничкиот интерес за зголемување на аграрниот стандард и подигнување на социо-економските услови на руралното население, истакна министерот.

 

Тој изрази надеж дека ФФРМ и нејзината мрежа здруженија во иднина уште повеќе ќе се вклучи во напорите за подготовка на македонските земјоделци со предизвиците на европскиот пазар.

 

Јакнење на трговските релации, инвестиции во нови технологии за поквалитетно и поголемо производство, подобрување на квалитетот и конкурентноста на земјоделските производи и спроведување на меѓународните стандарди и добрата земјоделска пракса се клучните идни активности на кои ќе се фокусира Федерацијата,истакна претседателот на оваа организација Ѓоко Данаилов.