Премиерот Никола Груевски го посети поплавеното место Раотинце каде изминативе два дена надојдените води на Вардар

Date of publication: 
17 April 2010

Премиерот Никола Груевски го посети поплавеното место Раотинце каде изминативе два дена надојдените води на Вардар поплавија околу 30 куќи и 200 хектари обработливо засеано земјоделско земјиште.

 

Премиерот заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и директорите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување ги посетија жителите со цел од терен да утврдат со какви проблеми се соочуваат и дали Владата може некако да помогне.

 

Груевски по средбата со жителите рече дека вчера бил критичниот ден и оти денеска водата е повлечена. Разговарано е, додаде, со сите надлежни институции и со ЕЛЕМ кои брзо реагирале и го намалиле протокот на води од мавровските хидроцентрали.

 

- Ова не се случува првпат. Поплави на ова подрачје имало и порано. Очигледно е дека овој дел е критичен и треба да се изнајде решение на подолг рок, изјави премиерот Груевски.

 

- Откако нашите служби ќе го анализираат проектот и ако се покаже дека со тоа трајно ќе се реши проблемот, ќе почнеме со негова реализција, нагласи Груевски и најави дека од утре на терен ќе излезат и екипите за проценка на штети.

 

Во Раотинце денеска ситуацијата е нормализирана, водата е повлечена во коритото на реката и нема повеќе излевања.