Годинава 71 милион денари поддршка за органското земјоделство

Date of publication: 
12 March 2010

Органското производство годинава ќе се субвенционира со околу 71 милион денари што претставува зголемување за 4 милиони денари од минатата година. Согласно Стратегијата за органско производство продолжува финансиската подршка по неколку основи.

 

За сертифицираното примарно производство следуваат плус 30 отсто од вообичаено проектираната поддршка.

 

За хектар површина наменета за зелено ѓубрење или угар во плодоред субвенцијата е 3.500 денари за хектар. Финансиска поддршка за органско овчарство и козарство изнесува дополнителни 800 денари за грло овца и 700 денари за грло коза од основните субвенции за оваа категорија.

 

Земјоделците со право на поддршка за преработка на органски производи и органски производи во преод од домашно потекло, доработка и пакување на самоникнати видови со органско потекло, ќе добијат по два отсто од вредноста на продадените производи со максимален износ од 150.000 денари по оператор. Толкав е и максималниот износ на субвенцијата за продажба на органски производи и органски производи во преод од домашно потекло.

 

Министерството за земјоделсво ќе покрива до 50 проценти од трошоците за сертификат што го издава овластено тело. За лабораториски анализи на почва, вода и органски производи субвенцијата е 50 отсто од вредноста, но не повеќе 9.000 денари по корисник.

 

Пријавување за користење на финансиска поддршка во органското земјоделско производство е до 31 мај, а барањата на исплата се доставуваат најдоцна до 1 декември 2010 година.