Николовски на терен во струмичкиот регион што беше погоден од вчерашното невреме

Date of publication: 
8 July 2018
sr2.jpg

Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчo Николовски, претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со локалните власти, денеска по вчерашното невреме во струмичкиот регион, излегоа на терен, во увид на штетите врз земјоделските посеви.

Според првичините проценки од поројниот дожд и град е предизвикана штета врз градинарските култури односно најмногу врз пиперката и посевите со пченица, но и материјална штета на објекти и приватен имот.

Невремето предизвика штети во повеќе населени места во општина Струмица како и во општина Босилово.

Со оглед на тоа дека освен врз земјоделските посеви, невремето предизвика и материјална штета на објекти и приватни имоти, постапката за проценка на штетите ќе се врши преку општините.

Комисиите за проценка на штети од општините Струмица и Босилово од утре ќе започнат со проценка на штетите на терен, по што ќе следува постапка за обештетување.

МЗШВ е во постојан контакт и со општина Могила, каде што вчерашното невреме предизвика исто така штети врз земјоделските култури, особено врз тутунот.

Општината формираше Комисија која што од денеска започна со увид на терен и проценка на штетите.

Во општина Могила невремето предизвика најголеми штети во селата Вашарејца, Долно Српци, Бернаци и Ивањевци.