Date of publication:
19 May 2018Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, советничката за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ленче Николовска и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски во рамки на вчерашната посета на Струга одржаа работен состанок со претставници на компанијата „Подгорка“.
Сопственикот на инвестицијата Мевмед Џемајловски на работниот состанок ја претстави својата инвестиција како една од поголемите домашни инвестиции, вредна 5.5 милиони евра и кофинансирана со средства од ИПАРД програмата.
„Охрабруваат ваквите решителни инвестициски чекори на домашна компанија којашто успеа со квалитетен проект да добие европски средства од ИПАРД програмата. Посебно радува што станува збор за домашна компанија којашто ќе отвори нови работни места и ќе донесе нова вредност во нашата економија. Ве охрабрувам и понатаму да влегувате во нови инвестиции, Владата и институциите се ваш партнер во создавањето поволни услови за раст и развој на вашите бизниси“, порача премиерот Заев.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, рече дека вкупната инвестиција е 5 милиони евра. Половина од средствата се обезбедени од ИПАРД.
„Компанијата „Подгорка“ е инвестиција која преку ИПАРД II повлече најмногу средства досега. 2 милиони и 250 илјади евра се одобрени од финансиската поддршка. Од нив 1милион и 687 илјади евра се обезбедени од Еу, и 562 илјади евра од Нациналното кофинансирање. Со оваа инвестиција, уште еднаш докажуваме дека Македонија има потенцијал за да повлече и да искористи што поголем дел од средствата предвидени со ИПАРД програмите“, изјави директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, Николче Бабовски.
Сопственикот Џемајловски изрази огромна благодарност до државните институции кои брзо и навремено помогнале во процесот на подготовка и комплетирање на потребната документација во процесот на аплицирање.
„Институциите ја препознаа и разбраа економската важност на нашата инвестиција. Објектот ќе биде изграден според стандардите за енергетска ефикасност, а производствениот процес во фабриката ќе се одвива според најмодерни европски стандарди. Нашата цел е да ги отвориме регионалните пазари и да извезуваме во соседните земји“, соопшти сопственикот на „Подгорка“.
По завршување на работниот состанок претставници на „Подгорка" и сопственикот Џемајловски заедно со премиерот Заев, вицепремиерот Анѓушев и директорот Бабовски се упатија кон локацијата каде што е во тек изградба на новата фабрика. Сопственикот Џемајловски и градежните работници одблиску му ја претставија на премиерот Заев и владината делегација инвестицијата и прогресот на градежните работи.
„Очекувам во иднина многу домашни компании да изработуваат квалитетни проекти и да аплицираат за поддршка од ИПАРД фондовите. Оваа домашна инвестиција нека мотивира и поттикне многу домашни инвеститори да ги следат ваквите храбри чекори. Целта е да се реализираат што е можно повеќе успешни домашни инвестиции. На компаниите им стојат на располагање и мерките од Планот за економски раст кој поддржува нови инвестиции и раст на конкурентноста“, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на крајот од владината посета на фабриката во изградба „Подгорка“.
Компанијата „Подгорка“ ќе се занимава со производство, обработка, расекување и пакување на месо по најсовремени стандарди. До крајот на 2019 – та година, оваа домашно претрпријатие ќе обезбеди 80 работни места, што ќе биде дополнителен стимул на домашната економија и намалување на невработеноста во Струга.