МЗШВ ќе реализира сет мерки за развој и зголемување на органското производство

Date of publication: 
10 May 2018
org2.jpg

Македонија има поволни агро-еколошки условиза развој на органското земјоделско производство, затоа започнуваме со реализација на сет мерки за стимулирање и унапредување на овој тип на производство, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешната тркалезна маса „ Како да се поттикне органското производство на храна“.
Николовски потенцираше дека заложбата на МЗШВ за органското производство не е само декларативна, туку производителите на органско производство во Владата треба да гледаат силен партнер.
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги препознава бројните предности на органското производство, како и потенцијалот за развој на Македонија на ова поле. Во тек е изработка на оглас за доделување на државно земјоделско земјиште наменето исклучиво за органско производство, кој ќе биде објавен на крајот на месецов.Воовој контекст, за прв пат ќе објавиме и оглас за доделување на државно земјоделско земјиште за производство на органска сточна храна. Посебен акцент ставаме на младите земјоделци, запоттикнување и поддршка на младите земјоделци, воведуваме нова политика, со која што дополнителна предност ќе имаат младите земјоделци чија што дејност би била токму органското производство“, порача министерот Николовски.
Дополнително финансиската поддршка за развој на органското земјоделско за 2018 година е зголемена од 61милиони денари на 81 милиони денари. Субвенциите достапни за земјоделците кои практикуваат органско производство, во зависност од културата, се до 100% повисоки од сумите наменети за конвенционално производство.Зголемени се и субвенциите за развојните категории на земјоделските стопанства од 20% за растително и 10% за сточарско производство кое ги опфаќа и органските производители.

„За подобрување на пласманот и подобро претставување на странскиот пазар, зголемен е и износот за техничка поддршка за учество на меѓународни саеми и манифестации за 30%. Меѓу големиот број на саемски претставувања предвидени со годишната програма, сакам да истакнам дека Република Македонија оваа година е земја-партнер на меѓународниот саем АГРА во Словенија, каде особен акцент даваме токму на претставување на македонските органски производи“, потенцираше министерот Николовски.
Меѓу мерките кои денеска ги презентираше министерот Николовски за зголемување на органското производство е измената на законската регулатива со што ќе се овозможи одредени подрачја да се сертифицираат како органски региони. Во насока на подигнување на свеста на потрошувачите за значењето и хранливата вредност на органските производи, во моментов се реализираат работни средби со Министерството за здравство за воспоставување на „органско мени“ во Клиниката за детски болести . Во следна фаза овој проект треба да ги опфати и градинките и основните училишта ширум државата.
Воедно, издвоени се 11 милиони евра од Програмата за земјоделство и рурален развој за 2018 година за инвестиции во хидро-мелиоративни системи во аридните подрачја, со што ќе се намали ризикот од помали приноси и истовремено зголемување на изборот на култури, за кои претходно немало услови да се произведуваат. Последна таква инвестиција е системот за наводнување во Славишко поле, со кој 200 хектари обработлива површина ќе добијат стабилна достапност на вода.
Во насока на заштита на потрошувачите, е подготовката на „Регистарот на органски оператори“, кој што е во финална фаза и кој ќе нуди точни податоци за сите производители: сертификација, вид на култури, локација на производство и планирани количини. Со воспоставувањето на овој Регистар ќе се елиминираат досегашните манипулациии на пазарот и секој потрошувач ќе знае точно дали производот кој го набавил навистина е органски, кој го произвел и каде.
Инаку, на денешната трибина присуствуваа и заменик директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, г. Фирус Мемед, претседателот на Организацијата на потрошувачи на Македонија г-ѓа Маријана Лончар Велкова, и директорот на Асоцијацијата Зенит. Настанот беше во организација на потрошувачите на Македонија, Асоцијација „Зенит“ и Здружението „Медиа Плус“, а поддржан од проектот „Преминете на органско – потрошувачите во центарот на земјоделската политика“ финансиран од Европската Унија преку програмата „Одржливо земјоделство за одржлив Балкан“, и од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост.