Тутунарите задоволни од откупот

Date of publication: 
22 January 2010
Sostanok so tutunarite 007.jpg

Откупот на тутунот привршува, досега преземените 22.000 тони го натфрлија очекуваното, квалитетот е одличен, а производителите се генерално задоволни од проценката, од просечната цена што достигна 192 денара и од владината поддршка - 60 денари за предаден килограм.

 

Ова е еден од заклучоците од денешната средба на тутунарите со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

- Во 2009 година се откупени 22.000 тони што е повеќе од планираното за 2.000 тони. Можеме да бидеме задоволни од квалитетот на предадениот тун и од денеска да почнеме да се координираме со производителите за следната реколта. Ги договоривме чекорите што заеднички ќе ги преземеме во наредниот период за поефикасно организирање што ќе биде гаранција дека и оваа година ќе ги имаме резултатите од лани, изјави Димовски по средбата.

 

Тутунарите кои изразија особено задоволство од работата на министерството и на  инспекторатот, рекоа дека сепак ќе бараат повисока откупна цена за 10 до 15 проценти. Сметаат дека типот „басмак“ не смее да биде под 230 денари,наспроти сегашната просечна цена од  205 денари за килограм.

- Ако сите идни години бидат како оваа во однос на откупот, ќе бидеме презадоволни. Државата првпат го спроведе Законот на терен, инспекторатот беше присутен постојано, 24 часа, откупувачите беа коректни, но и ние ја исполнивме нашата обврска - предадовме квалитетен тутун. Сега ги очекуваме субвенциите кои годинава се рекордни и изнесуваат 60 денари за килограм, рече Живко Тасевски, секретар на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводителите.

 

Перспективата на тутунот во Македонија е добра, оцени Тасевски, додадавјќи дека имаме сериозни откупуни претпријатија.

- Согласно проценките на производителите, реколтата 2010 ќе достигне 27 милинои килограми.