Министерот Николовски во работна посета на општина Штип

Date of publication: 
1 February 2018
27459882_2098533003701561_3295944809706670879.jpg

До крајот на мај ќе бидат објавени голем број огласи за давање земјоделско земјиште под закуп, а во интерес на земјоделците и целокупната агро индустрија, најави министерот  за земјоделството, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски при неговата денешна работна посета на општина Штип.

Под закуп на земјоделците се планира да им биде дадено и земјиштето кое беше наменето за изградба на карго аеродромот во атарите на општините Свети Николе и Штип.

- Во делот на земјиштето кое што е опфатено таму ќе биде потребно Владата да донесе соодветни одлуки. Ние ќе бидеме и сме во комуникација со министерот за транспорт и врски, бидејќи тоа земјиште е целосно експроприрано земјиште, во сопственост на државата. Потребата и намената беше сосема друга и ние би сакале да го ставиме во функција целокупното земјоделско земјиште и во тој правец ќе оди оваа политика, изјави Николовски.

Покрај ова, подготвен е и огласот за давање под концесија на околу 1.300 хектари земјоделско земјиште на поранешниот агрокомбинат „Џумајлија“, а огласот се очекува да биде распишан во текот на наредната недела.

- Министерството за земјоделство интензивно работи и можеме да испратиме порака до граѓаните и дека ревизијата на земјоделското земјиште, која што ја правиме, констатира голем број на неправилности и незаконитости. Раскинавме огромен број на договори и инициравме над 200 тужби по однос на неплатени концесии. Но, и ги правиме сите анализи, создаваме еден интегриран систем на управување со земјоделското земјиште заедно со Агенцијата за катастар на недвижности, ги поврзавме електронски сите наши подрачни единици со Агенцијата за да имаме јасна слика, што од земјиштето не е дадено под концесија, рече Николовски.

 

Дополнително, МЗШВ и Агенцијата за финасиска поддршка на земјоделството  оваа година за првпат ќе почнат со инвестиции и санации на системите за наводнување и браните, а во системите за наводнување ќе бидат инвестирани 10 милиони евра.

- Оваа година ќе ја надмине таа сума, заради тоа што отвораме низа на проекти, кои што ќе бидат од национално значење, од интерес на граѓаните. Тука е распишување на тендерската постапка, која што во следните неколку дена ќе се случи за Јужно вардарска долина, тука се и другите брани за кои што веќе се склучуваат договори и системите за наводнување за кои што се обезбедени средства и преку инструментот за предпристапна поддршка на Европската унија. Веќе добивме проект за изградба на осум такви системи за мали еко системи за наводнување. Но, и на билатерално ниво работиме со другите држави се со цел овој основен проблем, односно оваа основна работа за земјоделството и целокупниот сектор биде дел од нашите приоритети, вели Николовски.

Кога е во прашање постапката за изградба на браната „Речани“  на Оризарска река, браните Конско и Речани се во напредна фаза, а министерот информираше дека освен интензивната комуникација со градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, во наредниот период ќе имаат и увид на терен.

- Се анализира целокупната правна документација  околу сето она што се случувало во претходниот период. Но, министерството и Управата за водостопанство ги интензивира сите чекори и подготовки кои се однесуваат на добивање на градежни дозволи за овие капитални објекти, кои и каде што инвеститор се наоѓа министерството. Биле запоставени, односно многу од овие процедури кои што се и во Министерството, но и во Министерството за транспорт и врски не биле направени досега. Ние како Министерство ги инициравме сите постапки по однос на сите овие проекти, истакна Николовски.