Одржан Саемот за земјоделство - Тракторијада

Date of publication: 
1 December 2017
Traktorijada.jpg

 

Денеска во Могила се одржа Саемот за земјоделство - Тракторијада, каде што свое обраќање имаше Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Власте Димковиќ.

 

Во присуство на градоначалничката на Могила, Јасмина Гулевска, на 12 изложувачи и на голем број земјоделци, Димковиќ истакна дека се надева дека овој Саем ќе прерасне во традиционална манифестација на која домашните снабдувачи на земјоделски суровини, опрема и услуги ќе имаат што да покажат и да излезат во пресрет на барањата на земјоделците во насока на модернизација на овој исклучително важен сектор во нашата држава.

 

- Македонија е земја со долгогодишно искуство и традиција во одгледување на голем број култури кои имаат одличен квалитет и се препознаени и на домашниот и на странскиот пазар, а овој вид на размена на искуство и знаење секако дека претставува значајна алка за напредокот во вкупниот  агро-индустриски сектор. Оваа Влада, е цврста во определбата да ги поддржи сите активности кои се во интерес на земјоделците, да го стимулира вложувањето во производството, доработката и пласманот, но и во развојот на руралните средини, - истакна Димковиќ.

 

Како потврда на претходно кажаното, Заменик министерот за земјоделство потсети дека во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството производството е поддржано со субвенциите за речиси сите позначајни култури, со цел зголемување на површините и земјоделското производство.

- Дополнително, поседувањето современа механизација е клучно за едно модерно производство, затоа и како Влада интензивно работиме на мерки кои ќе придонесат за унапредувањето на земјоделството. Минатата недела во присуство на Премиерот Зоран Заев во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа свечено потпишани првите договори за млади земјоделци со неповратни средства во висина од 10.000 евра, а од следната година планираме воведување на така наречената „зелена нафта“. Токму преку оваа мерка, младите земјоделците имаа можност со неповратните финансиски средства не сaмо да инвестираат во производствени капацитети, туку и да набават механизација, - додаде Димковиќ.

Во Министерството за земјоделство се направени сите потребни анализи за субвенционирање на „зелената нафта“, а по измените на Законот за земјоделство и рурален развој се очекува и нејзина реализација со што ќе се придонесе за поевтино производство и уште една придобивка за сите земјоделци.

- Во оваа пригода би сакал да ја истакнам потребата за примена на современи агротехнички мерки и механизација, бидејќи само на тој начин ќе може да се зголеми квалитетот на родот и да се добијат приноси кои ќе имаат економска исплатливост за земјоделците и поголема конкурентност на странскиот пазар, истакна на крајот заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Власте Димковиќ.