Регионална работилница за подигнување на свеста за консолидација на земјиште во Гостивар

Date of publication: 
2 November 2017
Rabotilnica Gostivar.JPG

Денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поддржано од проектот финансиран од Европската Унија - MAINLAND, кој го споведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), ја одржа првата регионална работилница за подигнување на свеста за консолидација на земјоделско земјиште кај земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште.

Целта на работилницата е да се зголеми локалната свест и разбирање за придобивките од консолидацијата на земјоделско земјиште за земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште. На работилницата присуствуваа претставници на локалните земјоделски организации, села и единици на локалната самоуправа, како и други важни локални партнери од полошкиот,скопскиот и југозападниот регион.

Државниот секретар од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Нефрус Челику, кој присуствуваше на работилницата, порача дека Владата на Република Македонија, при креирањето на земјоделските политики особено внимание посветува на консолидацијата, т.е. окрупнувањето на земјоделското земјиште.

„Со консолидацијата на земјоделското земјиште ќе се овозможи секое земјоделско стопанство да поседува земјиште на поголема парцела, со правилна форма, наспроти мали парцели на различни локации, што ќе ги намали трошоците за обработка на земјоделското земјиште, ќе ја зголеми продуктивноста и конкурентноста на земјоделското производство, можностите за примена на модерни производствени методи и техологии, како и можностите за изградба на подобра рурална инфраструктура. Тоа ќе придонесе за зголемување на потенцијалот на земјоделскиот сектор и подобрување на животниот стандард на руралните заедници“, изјави државниот секретар Челику.

Учесниците на работилницата се информираа за принципите и постапките за консолидација на земјоделското земјиште, во согласност со соодветниот закон и во насока на спроведување на Националната стратегија за консолидација на земјиште 2012-2020 година. Локалните земјоделци и сопственици на земјоделско земјиштеќе добија  информации за претстојната селекција на најпогодни области за консолидација на земјиште и како да изразат интерес за новите консолидациони проекти во наредните неколку недели.

 

Во изминатите две недели, секторите и подрачните единици на МЗШВ, како и советниците од Агенцијата за развој и поттикнување на земјоделството (АПРЗ) беа обучени како да ги идентификуваат и селектираат најпогодните области за консолидација на земјоделско земјиште и како да работат заедно со земјоделците и сопствениците на земјоделско земјиште при изразување на интерес за локални проекти за консолидација на земјоделско земјиште.

Во ноември 2017 година се предвидени четири работилници за подигнување на јавната свест за консолидација на земјоделско земјиштето. По Гостивар,вакви работилници  ќе се организираат во Битола, Струмица и Штип. По овие настани, проектниот тим, заедно со претставници на МЗШВ и АПРЗ, ќе спроведе локални информативни состаноци во целните села, со цел да им помогне на потенцијалните кандидати да аплицираат како корисници на проекти за консолидација на земјиште. Овие активности имаат за цел да помогнат воизборот напроектни области со најголем потенцијал и интерес за консолидација на земјоделско земјиштето во земјата, кој се очекува да се случи до крајот на декември 2017 година.

Проектот финансиран од Европската Унија “Воведување наНационална Програма за Консолидација на Земјиште”  - или MAINLAND – го спроведува Организацијата за Храна и Земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) за да обезбеди поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведувањето на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020година. Буџетот на проектот изнесува 2,56 милиони евра (финансиран од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (2,5 милиони евра) и ко-финансиран од ФАО (61,2 илјади евра).Истиот ќе се спроведува во времетраење од 3,5 години, почнувајќи од март 2017 до август 2020 година. Главната цел на проектот е да се реши проблемот со фрагментираноста на земјоделското земјиште со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.