- Ministry
- About the ministry
- Public relations
- Documents
- Organic production
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
„Левидиагро“ во Кочани ја отвори најголемата фабрика за ориз во регионотDate of publication: 3 December 2015Во Кочани денеска започна со работа „Левидиагро“, нова фабрика за преработка на ориз, турска браунфилд инвестиција од 4 милиони евра која ќе придонесе за враќање на кочанскиот ориз на старите европски пазари како висококвалитетен македонски бренд. Фабриката е технолошки најсовремено опремена и претставува најголем капацитет за преработка на ориз во регионот. На отворањето на фабриката присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Михаил Цветков, заменик министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски. Премиерот Груевски истакна дека „Левидиагро“ е дел од група компании основани од инвеститори од Турција во Македонија, чија реализација како и за сите други инвестиции беше поддржана од Владата и ресорните министерства. - Кон средината на оваа година бев тука во Кочани на пуштањето на фабриката на холандската компанија „Антура“. Уште тогаш најавив дека инвестициите во Кочани ќе продолжат, а ние ќе продолжиме со подобрување на бизнис климата, со промоција на инвестициските можности во странство и со непосреден и партнерски однос со инвеститорите. Таквата работа денес ни носи уште еден производствен погон во Кочани, а тоа е новата фабрика за ориз „Левидиагро“ како браунфилд инвестиција, рече премиерот Груевски. Тој потенцира дека радува фактот што новата фабрика се стреми да го зголеми производството на ориз од овој регион и неговиот квалитет применувајќи високи европски стандарди на производство, а со цел зголемување на извозот од Македонија и на македонскиот ориз на европските пазари. Особено е битно, нагласи премиерот, што по подолго време оваа турска компанија повторно ги активира и халите на „Жито ориз“ од Кочани кои по транзицијата во најголем дел не беа искористени. - Она што е можеби најзначајно е што оваа фабрика носи нова и просперитетна иднина за кочанските производители на ориз. Компанијата веќе започнала склучување договори за соработка и откуп на родот, што е одличен чекор напред во производството на ориз во Кочани. Ваквите активности ќе им овозможат на земјоделските задруги и индивидуалните земјоделци поголема сигурност во откупот на родот и можност за соработка со постојан и долгорочен партнер, рече премиерот Груевски. Тој најави дека Владата ќе ја зголеми поддршката за оваа гранка - производство на ориз. Меѓу другото, се осврна и на позитивните резултати од инвестициските активности во овој регион како резултат на што за повеќе од двојно е намалена невработеноста во Кочани и во Кочанско. Во „Антура“ досега отворени се нови 260 работни места од планираните вкупно 300, во „Анфенол“ досега се вработени 650, а за два-три месеца треба да се вработат уште 350 лица, додека во рестартираниот „Руен“ се вработени над 150 лица. - Невработеноста во кочанската општина во 2006 година изнесуваше околу 11.000 регистрирани невработени, а денес околу 6,5 илјади лица. Од нив активни баратели на работа се 3.200 лица. Тоа е сериозно намалување на невработеноста, подвлече премиерот Груевски. Али Созер, сопственикот на компанијата „Левидиагро“ истакна дека ова е најголема фабрика за ориз во која ќе бидат вработени над 100 лица. Одлуката да инвестираат во Македонија е, вели, како резултат на добрата бизнис клима и одличната соработка со централната и локалната власт. - Македонскиот ориз има висок квалитет. Свесни сме за потенцијалот и инвестицијата е насочена за развој на оваа земјоделска гранка во Македонија. Со производниот капацитет, покрај што ќе го снабдиме домашниот пазар со висококвалитетен ориз, ќе може да одговориме и на потребите на европските пазари, рече Созер. Новата турска инвестиција во Македонија ја посети и амбасадорот на Република Турција во Македонија Омур Солендил. - Турција е вистински пријател на Република Македонија и се обидуваме на секое поле да ги унапредуваме односите. Бизнисмените при донесување одлуки за инвестирање главно се ориентираат од два фактора – профитот и сигурноста на инвестицијата, но сакам да се осврнам и на трет фактор кој придонесува за турските инвестиции во Македонија, а тоа е емотивната поврзаност меѓу двете земји на пријателство. Пријателството меѓу Македонија и Турција ќе траат вечно и ќе продолжиме на секое поле да се помагаме обострано, рече Солендил. Градоначалникот на Општина Кочани Ратко Димитровски истакна дека новата инвестиција очекува да го подобри пласманот и откупот на кочанскиот ориз, а со вложувањата во механизацијата да се подобри економската моќ на земјоделците. Фабриката, која е сместена во старите простории на „Жито ориз“, поседува најсовремена технологија на производство на ориз со годишен капацитет од 36 илјади тони, ќе вработува над 100 лица и има за цел зголемување на производството на ориз на кочанските полиња. Според компанијата, во финална фаза се договори за извоз во Србија, Косово, Албанија и Турција. |