Објавен оглас за државно земјиште за градинарско расадничко производство

Date of publication: 
11 June 2015
P4170080.JPG

Денеска е објавен огласот за давање во закуп земјоделско земјиште во сопственост на државата во регионите Валандово, Гевгелија и Струмица. Понудена е вкупна површина од 33 хектари, од кои 11 во регион Валандово, 12 во Гевгелија и 9 хектари во Струмица.

Намената за кое се дава земјоделско земјиште е за производство на сертифициран саден материјал  за градинарски култури. Времетраење на закупот за кој се дава земјоделското земјиште  е за период од 30 години.

Избраниот понудувач е должен во рок од четири години од денот на склучување на договорот, да изгради оранжерии.

Минималниот број на произведен сертифициран саден материјал во текот на една производствена  година не смее да е помал од  20.000.000 садници.

Право на учество на јавниот оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица.

Правните лица покрај другите документи,треба да достават и бизнис план кој содржи основни податоци за учесникот, целта за која ќе го користи земјиштето, применета технологија, број на вработени, пазарни аспекти, очекувани производно - економски резултати и банкарска гаранција за учество на јавен оглас во висина на понудена годишна закупнина.

Физичките лица пак треба да достават програма за користење на земјиштето која содржи основни податоци за семејството, техничко - технолошка опременост, целта за која ќе го користи земјиштето, пазарни аспекти како и банкарска гаранција за учество на јавен оглас во висина на понудена годишна закупнина.

 

Изборот на најповолен понудувач ќе се врши врз основа на највисоко понудена годишна запупнина по хектар постигната по пат на електронско јавно наддавање.

Почетната цена по хектар во постапка по овој јавен оглас се утврдува во зависност од катастарската класа и местоположбата на земјиштето односно за блок во:

- Регион Валандово, Катастарска општина Казандол изнесува 1278 Евра,

- Регион Гевгелија, Катастарска општина Негорци изнесува 1460 Евра ,

- Регион Струмица, Катастарска општина Градашорци изнесува 1108 Евра.

Понудите се поднесуваат  до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 30 дена.

Идните инвеститори во расадничките оранжерии ќе можат да користат повеќе извори на финансирање кои ги нуди државата.

Преку ИПАРД Програмата можат да добијат гранд од 50% од трошоците за изградба на оранжериите, набавка и инсталација на опрема за контролирани климатски услови, за набавка на специјализирана земјоделска механизација и опрема за обработка, заштита, ѓубрење, берба и постбербени активности.

Преку ИПАРД, корисниците исто така, можат да аплицираат и за опремата за   водоснабдување, за вентилација за  производство на електрична енергија и друго.

Максимален износ на прифатливи трошоци е до 2.300.000 евра.

Во националната програма се предвидени и субвенции од 5 денари за произведено и продадено растение.

Министертвото за земјоделство, шумарство и водостопанство смета дека со изградбата на оранжериите за расад на градинарски култури бенифитот ќе го имаат земјоделците кои ќе обезбедат сигурен, квалитетен и поефтин расад за нивното производство.