Одбележани „Деновите на кочанскиот ориз“

Date of publication: 
5 October 2014
 ориз.jpg

Површините што годинава се насеани под ориз се 4.600 хектари, од кои се очекува родот да тежи околу 15.000 тони оризова арпа или осум до 10 илјади тони квалитетен бел ориз, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков на денешните завршни активности во рамките на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.

Заложба на Владата е, додаде, овие површини да бидат зголемени за наредните 10 години на осум до девет илјади хектари, колку што во кочанскиот регион беа застапени во осумдесеттите години на минатиот век.

Според министерот Цветков, родот е одличен, квалитетот е добар и пазарот годинава ќе биде конкурентен.

- Ние како Министерство и Влада ќе ги направиме сите напори да има доволни количини на вода во хидросистемите во Македонија за што во наредните 10 години Владата ќе вложи 200 милиони евра за рехабилитација на хидросистемите во државата. За Кочани и Кочанско за наредните 10 години се предвидени 80 милиони евра за оваа намена, а само годинава се предвидени 19 милиони денари за рехабилитација на хидросистемот „Брегалница“, истакна Цветков.

На новинарско прашање каква е состојбата со глодарите во Кочанско и во државата, Цветков истакна дека најзагрозени се полињата во Прилепско. - Владата работи на овој проблем и тој итно ќе биде решен, рече министерот Цветков.

Инаку, во рамките на стопанско-културната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“ на оризовите полиња во село Мојанци беше демонстрирана рачна жетва на ориз со срп, која ја следеа неколку илјади посетители од повеќе краеви на државата и од странство.

На најуспешниот земјоделски производител на ориз во Кочанско за годинава Костадин Христов од село Мојанци, градоначалникот Ратко Димитровски му подари парична награда од 80.000 денари што ја обезбеди МЗШВ.

Костадин Христов е рекордер во производството на ориз и е вклучен во проектот на Владата за производство на нови турски сорти ориз.