Прес конференција на министерот Цветков за реализирани активности во министерството за земјоделство

Date of publication: 
29 September 2014
jpg

Во првите 100 дена од работењето на Владата, Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство реализира и започна голем број на проекти – истакна министерот Цветков на денешната прес конференција.

Покрај секојдневната комуникација со земјоделците и нивните здруженија, посочи министерот Цветков, министерството успешно го заврши аплицирањето за субвенции каде што беа поднесени 74.000 барања, а дел од нив веќе се исплатени.

Од оваа година, земјоделците ги добиваат субвенциите по однапред дефиниран „Календар за субвенции“, со кој точно е определена динамиката на аплицирање и на исплатата на субвенциите која е усогласена според потребите на земјоделците.Досега, според овој календар се исплатени тутунарите, а во периодот септември-октомври следи исплатата за полјоделските култури.

Од програмата за рурален развој реализирани се 14 проекти за изградба на локална патна инфраструктура и инвестиции во водоснабдителни и канализациски системи, 10 проекти за подобрување на квалитетот на живот во рурални средини и шест проекти за унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја.

Во овој период ја започнавме реформата за подобрено управување во водостопанството. Владата формира работна група за анализа и подготовка на акти за формирање на „Акционерско друштво во државна сопственост - Водостопанство на Република Македонија“.Во тек се јавни расправи и се очекува до крајот на октомври 2014 година предлог-законот за АД Водостопанство на Република Макеоднија да биде поднесен до Владата.

Во подготовка е дефинирањето на планот за инвестирање во водостопанската инфраструктура во периодот 2015  - 2025 година. Во него е предвидено да се вложуваат по 20 милиони евра секоја година со што ќе се овозможи зголемување на наводнуваните површини на долг рок за нови скоро 25.000 хектари.

Привршува изградбата на системот за наводнување на Маркова река – Куклиш со кој се обезбедува наводнување на околу нови 400 хектари земјоделско земјиште. Се работи на изградба на пристапен пат до браната Речани на Оризарска река со придружни објекти и акомулација со која ќе се реши проблемот во водоснабдување на општините Виница, Кочани и Чешиново – Облешево и ќе се овоможи наводнување на 1.500 хектари нови површини земјоделско земјиште.

Во тек е и тендерска постапка за избор на изведувач на браната Коњско, како една од најголемите капитални инвестиции за следниот период и обезбедени се услови за отпочнување на експропријацијата за изградба на хидросистемот Равен-Речица.

Се посветивме и на решавањето на проблемот со недовршени постапки на арондација од минатото. Отпочнато е со реализација на проектот и заклучно со 17.09.2014 година поднесени се 35 барања за размена-арондација, од кои 29 се во постапка, а 6 се решени. Во наредниот период ќе се направат измени во Законот за земјоделско земјиште заради продолжување на  рокот на поднесување најмалку за една година, бидејќи истиот истекува на 27.11.2014 година.

Изготвен е нацрт-документ за Програмата ИПАРД 2 за 2014-2020. во тек е јавна расправа за нацрт-документот,а конечното одобрување од страна на ЕК се очекува во декември 2014 година.

Целата европска помош во земјоделството изнесува 106 милиони евра,а во новата ИПАРД програма се вклучени континуирани мерки, но и мерки кои обезбедуваат поволни услови како што е на пример зголемениот процентот на ко-финансирањето. Земјоделците наместо 50 % во иднина ќе добиваат 60% гранд од европските пари.

Во тек на реализација се  и повеќе други мерки кои, како што потенцираше Цветков се во интерес на земјоделското производство и тоа:

 

  • Покривање на 70% од трошоците за спроведување на редовни агрохемиски анализи за земјиштето и другите услови од добрата земјоделска пракса.

 

  • Продолжуваме со 60-сет процентното кофинансирање на земјоделското осигурување,односно земјоделецот покрива само 40 % од полисата за осигурување.

 

  • Предвидовме поголеми субвенции за македонските автохтони раси – праменка, буша и овчарското куче – шар-планинец. Мерката е вклучена во  Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2014 година,а средствата ќе бидат исплатени по извршените контроли од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој најдоцна до април 2015 година.

 

  • Согласно програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2015 година, воведовме задолжителното користење на сертифициран семенски и саден материјал како услов за стекнување со правото за финансиска поддршка.Задолжителното користење на сертифицираното семе ќе се воведува постепено преку поврзување со висината на финансиската поддршка.

 

  • Континуирано се преземаат активности во врска со реализација на проектот за изградба на нови откупно–дистрибутивни центри за зеленчук и овошје. Во тек е прибавување  на техничка документација  заедно со градежен проект за претходно отуѓените парцели, како и трансформација од земјоделско во градежно земјиште за вкупно 5 локации, и тоа: Валандово-Јосифово, Босилово, Струмица, Могила и Градско.

 

  • Во завршна фаза е реализацијата на проектот Изградба на пристапен пат до откупно-дистрибутивниот центар за јаболка „Макази“ во општина Ресен чијшто складиштен капацитет е за 5000 тони јаболка. Државата инвестираше во  пристапен асфалтен пат со должина од 550 м до самата локација.Објектот е со површина од 5500 м2 , а официјалното пуштање во употреба е предвидено до крајот на ноември 2014 година.

 

  • Во тек е реализација на мерката за финансиска поддршка со која се поддржуваат инвестиции за изградба на објекти и опрема во домови за деца и млади и домови на културата во населени места. Од оваа програма за овој период , реализиран е проект за пензионерски клуб с. Саса, Општина Македонска Каменица, а во фаза на  реализација е  изградба на културен дом во с.Ораовица, Општина Радовиш.

 

  • За искористување на потенцијалите за развој на ловството, имаше Јавен оглас за доделување  на концесија  на дивечот во ловиштата, за прв пат преку електронско наддавање за 39 ловишта на цела територија на Република Македонија. До крајот на октомври годинава ќе се распише нов јавен повик и тоа за повеќе ловени реони.

 

  • Преземени се активности за измени на Законот за квалитет. До крајот на 2014 година се предвидува да заврши и постапката за заштита на македонските земјоделски производи: „Охридска цреша“, „Овчо бело сирење Бистра“ и „Кашкавал Бистра“.

 

  • Успешната национална промоција на квалитетно македонско вино, овошје и зеленчук на странските пазари се реализираше во периодот од првите 100 дена на новата Влада. Во програмата за оваа година вкупно се планирани 12 промотивни настани на најважните  светски пазари за што од буџетот на државата се издвоени 450.000 илјади евра.