Вицепремиерот Бесими на средба со министерот Цветков во рамки на циклусот ЕУ-ИПА институционална координација

Date of publication: 
10 September 2014
P9100294.JPG

Во пресрет на есенскиот Извештај од Европската комисија, а во рамки на ЕУ Агендата 2014 на Секретаријатот за европски прашања, заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања д-р Фатмир Бесими, во придружба на секторите задолжени за ИПА и евроинтеграциии, оствари работна посета на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде се сретна со министерот Михаил Цветков, претставници од ова министерство како и со претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

На средбата се разговараше за степенот на подготовка на законски и подзаконски акти, со цел усогласување на националното законодавство со правото на Европската унија во делот на земјоделската политика, руралниот развој, безбедност на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика.

Вицепремиерот Бесими и министерот Цветков дискутираа за предизвиците во тековната ИПА, во насока на успешно планирање на ИПА 2. Беше разгледан и степенот на искористеност на средства кои стојат на располагање преку Инструментот за претпристапна помош – ИПА, а кои се од особена важност за реализација на реформите во земјоделството.

Бесими истакна дека европските фондови се наменети првично за подобрување на животот на граѓаните во Република Македонија, а воедно се и од клучно значење за приближување на земјата кон Европската унија, преку вложување во социо-економскиот развој како и усогласување на законодавството со ЕУ.