- Ministry
- About the ministry
- Public relations
- Documents
- Organic production
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Jавна расправа по ,,Нацрт стратегијата за лозарство и винарство,,Date of publication: 2 December 2009Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на отворањето на јавната расправа по ,,Нацрт стратегијата за лозарство и винарство,,истакна дека лозарството е најважна стратешка индустрија во Република Македонија од областа на растителното производство и заедно со производството на вино во земјоделскиот бруто домашен производ учествува со 17 до 20 отсто. Виното е македонскиот лидер во извозот на пијалоци, а веднаш по тутунот, вредносно најважен производ кој го пласираме на странските пазари.
Осумдесетте винарски визби во земјава имаат капацитет да произведат над 2,2 милиона хектолитри вино, што е два пати повеќе од сегашното производство. Можноста за производство на вино во шишиња, пак, изнесува околу 650.000 хл годишно што, според експертите, не е доволно да го покрие целокупното производство на вино во земјава.Иако се оценува како недоволен, капацитетот за производство на вино во шишиња останува неискористен, бидејќи најголем дел од виното се уште се продава како налeвно.Со сегашната половична искористеност на винарските капацитети, производствените и трговските резултати кои ги постигнавме, се доволен аргумент дека имаме услови за развој на винскиот сектор, потенцираше министерот Димовски.
Нацрт стратегијата е резултат на четиримесечни заеднички разговори меѓу лозарите, винарите и Министерството. Основа за нејзиното изготвување е новиот закон за вино што треба да се донесе во март 2010 година. Содржи преглед на тековната состојба во лозарството и винарството, на правната и институционалната рамка, како и на пазарот и трговијата со вино. Стратешка цел на документот што се очекува да биде усвоен во почетокот на идната година е јакнење на конкурентноста на македонскиот лозарски и винарски сектор на странските пазари. Стратегијата предвидува обновување на лозовите насади, воведување нови технологии во преработката на грозјето и продукцијата на вино, јакнење на контролата на квалитетот на грозјето и виното и на процесот на производство, како и нивно подобрување.
Ова е прва Влада што конечно сфати дека лозарството е клучна гранка која може да ја повлече македонската економија напред, истакнаа преставниците на винарските визби учесници на јавната расправа.Македонија има услови и капацитет за производство на квалитетно вино, но неопходна е добра маркетинг стратегија што ќе го промовира надвор, посебно во земјите каде воопшто не е познато и каде досега се пласирало само како наливно.Прв чекор во таа насока, треба да биде здружувањето со цел полесно освојување на странските пазари и разгледување на сите можности за пласман на виното во шишиња, а не рефус како што досега најчесто беше пракса.На сите досегашни меѓународни саеми се покажа дека постои огромен интерес за македонското вино. На нас останува да се здружиме, добро да се организираме и да дефинираме конкретен концепт за успешно да го претставиме и пласираме во Европа, Русија, Кина, САД, рече Делчо Малковски од винарската визба „Далвин“.Според Јордан Трајков од визбата „Попова кула“, за унапредување на лозарството и винарството многу е важно да се овозможи развој на инфраструктурата, влез на нови инвестиции, да се стимулираат образованието, науката, обуката и усовршувањето, да се поттикне домашниот пазар и да се отворат нови кредитни линии по мерка на индустријата.
Оваа е прва подсекторска стратегија и еден од главните принципи на нацрт верзијата е најголемиот дел од решенијата е да бидат прифатливи и применливи од страна на лозарите и на винарите,истакна заменик-министерот Перица Иваноски.
На крајот од јавната расправа беше заклучено имплементирачкиот дел да биде доработен врз база на предлозите што ќе ги достават самите винарски визби и лозари до 10 декември годинава,а откако ќе биде направен сублиматот на издржаните сугестии и забелешки, стратегијата повторно да се разгледува на јавна расправа. |