Средба на министрите Димовски и Наумов со претставници на израелската компанија за овошје и расадници Бен Дор

Date of publication: 
1 April 2014
P4010013.JPG

Министерот Љупчо Димовски и министерот Џери Наумов денес, во Министерството за земјоделство, шумарство и водотопанство одржаа средба со  претставници на израелската компанија Бен Дор, компанија која развива нови сорти на овошје, со посебен акцент на вкусот и аромата, и која поседува овоштарници, но го одржува и стабилното снабдување со производи со врвен квалитет во текот на сите сезони. Компанијата ги поседува меѓународните стандарди за квалитет, вклучувајќи GLOBALGAP,  BRC и ISO 9001 и поседува пакувачки капацитети, ладилници и транзит станици и е распространета ширум светот.
На состанокот беше дискутирано за интересот на компанијата да дојде во Македонија и да се претстави на овој пазар. Претставниците од компанијата сметаат дека местоположбата на земјата е идеална, климатските услови се повеќе од поволни, така што својата инвестиција, на почетокот, би можеле да ја насочат во отворање на центар за пакување и ладилници во соработка со постоечките производители во Македонија, и секако понатаму, имајќи огромно искуство и знаење, да ги донесат и одгледуваат единствените видови на овошје, кои што се уште ги нема на овој пазар.
Во првата фаза компанијата би започнала со поставување на логистички центри, би се испитале можностите и пазарот, за да се утврди најдобриот модел и потенцијалните пазари, како би продолжиле и со сопствено производство токму на овие единствени сорти на овошје (сливи, круши, кајсии, јаболка и праски), секако со техничка помош од министерството и Владата на Република Македонија. Се очекува во оваа фаза компанијата да понуди 10.000 тони годишно од овие производи на пазарот.
Министерот Димовски истакна дека Министерството за земјоделство веќе има воспоставено добри релации и сериозна соработка со израелското министерство за земјоделство, а исто така и со МАШАВ и дека министерството и Владата на Република Македонија би помогнале компанијата Бен Дор да ги пронајде партнерите во Македонија, а истовремено земјоделците да ги поттикне на соработка.
Компанијата во текот на оваа недела ќе ги посети општините: Демир Капија, Гевгелија, Валандово, Росоман, чие што поднебје и клима се поволни за одгледување на овошје.