Електронска евиденција во тутунопроизводството за помалку малверзации

Date of publication: 
24 February 2014
_GIO3295.jpg

Откупени се 27,5 милиони килограми тутун или преку 80 отсто од договорените 32 милиона килограми. Просечната цена достигна 154,65 денари за килограм.  Како што изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, 209 производители поднеле барања за дополнителна проценка на три тони тутун преку Второстепената комисија, но од нив, над 50 отсто добиле иста, дури и полоша оценка за квалитетот.
Моментно, освен преземањето на преостанатите договорени количини, приоритет останува и откупот на тутунот, околу 700 тони, од радовишките производители кои требаше да ги откупи „Томи мид“.
- Нема да ги оставиме на цедило тутунарите од Радовишко. „Сокотаб„ и „Алијанса“ се обврзаа дека ќе ги преземат количините, нешто помалку од 700 тони, што останаа. На „Томи мид“ му е одземена лиценцата и поднесени се кривични пријави зашто од вкупно договорените 950 тони откупи само 300, рече министерот Димовски.
Според него, годинава откупот е значително поинтензивен, но цената е пониска.
- Никогаш не сме имале ваква динамика на откуп. Од 17 декември кога почна целиот процес, до денес 24 февруари, преземени се речиси 85 проценти од договорените количини. Сега целта е за што пократко време да се откупат преостанатите договорени количини, а потоа и дополнителните 10 до 15 отсто вишок производство, истакна министерот Димовски.
Лани, додаде министерот, откупната цена изнесуваше 182 денара за килограм, а годинава е 15 отсто пониска, затоа што квалитетот е полош пред се поради лошите временски услови, енормните врнежи и високите температури кои резултираа со појава на болести.
Министерот информира дека повторно има ситуации на склучување двојни договори, но нивниот број е драстично намален. Со цел поефикасни контроли, планирано е воведување електронска евиденција на површините.
- Преку електронскиот систем ќе бидеме поврзани со откупувачите и ќе имаме целосен увид особено во склучените договори со тутунарите. Ќе се удвои контролата на белите картони што ги издаваат подрачните единици, ќе се спречи нелегалното, непријавено производство на тутун и ќе се намали продукцијата на недоговорена количина ориентален тутун, рече министерот Димовски, посочуваќи дека компаниите се секогаш расположени да откупат дополнителни 10 до 15 отсто над договорената количина.
Министерот апелира тутунарите при производството да ги запазуваат добрите земјоделски практики, да користат семе призведено од Институтот за тутун, како и соодветни препарати.
Во регионот тутунопроизводството е многу зголемено што значи заострување на критериумите за проценка, но во рамки на законите и правилата. - Производството на тутунот треба да се врши во соработка со откупувачките компании и во консултации со стручните луѓе вработени во Агенцијата за развој на земјоделството. Квалитетот мора да се подигне, но треба да се подобри и манипулацијата. Така ќе се постигне и повисока цена, дециден е министерот.
Експертите порачуваат производството на ориентален тутун во земјава да биде до 26.000 тони, затоа што така ќе се обезбеди стабилност на пазарот согласно потребите на индустријата.