Интервју на министерот Димовски за Економски.мк

Date of publication: 
13 February 2014
_GIO3335.jpg

Eкономски.мк: Рамковната конвенција за контрола на тутунот, која е усвоена од Светската здравствена организација препорачува намалување на површините со тутун. Земјава не е обврзана да го прави тоа, но и останате земји, и покрај тоа што не се обрзани ги намалуваат површините. Дали тутунарите се безбедни дека и натаму ќе имаат работа и егзистенција за своите семејства?

Љупчо Димовски: Владата и министерството за земјоделство остануваат на ставот дека ќе се задржи производството на ориентален тутун и нема да има намалување на површините на кои се произведува тутун. На производството на тутунот, како идустриско-земјоделска култура, Владата посветува особено внимание од повеќе аспекти, социјален, економски и финансиски. Истовремено, што е особено битно, во производството на ориенталниот ситнолистен тутун се вклучени околу 40.000 семејства, или 180.000 производители што е 18,6% од вкупната работна сила во РМ, за кои тутуно производството претставува единствена егзистенција.

На овие факти треба да го додадеме и фактот дека 3,9% од вкупното индустриско производство припаѓа на тутунската индустрија а во тутунското стопанство во постојан работен однос се околу 3000 луѓе и 2000 луѓе сезонски вработени. Со оглед на тоа што тутунот припаѓа во групата на извозно-ориентирани традиционални производи со компаративна предност на надворешните пазари за кои постои побарувачка и истовремено ангажира околу 22% од вкупниот број на земјоделски домаќинства од посиромашните рурални подрачја, поддршката за зголемување на приходот на овие производители има обемен економски бенефит. Не постојат никакви штетни влијанија врз јавното здравје на луѓето кои одгледуваат тутун.

Производството на тутун нема никакви штетни влијанија врз почвата, водата, воздухот, како и врз растителниот и животинскиот свет. Од сите земјоделски култури исклучиво тутунот е однапред договорно откупен со познати цени, како и исплатен во рок од 30 дена.

Економски.мк: За годинава се предвидени повеќе пари за субвенции за земјоделците. Дали поддршката за тутунарите ќе остане иста?

Љупчо Димовски: И во оваа година мерките на финансиска поддршка на земјоделците се структуирани да овозможат постигнување на клучната цел на економските политики на Владата, а тоа е подигање на конкурентноста на македонското земјоделско производство, односно зголемување на неговото пазарно учество на домашниот и особено надворешните пазари. Потврда за позитивните резултати во таа насока е континуирано зголемениот извоз во последниве години. За реализација на овие цели во следната година продолжува значителната поддршка на секторот и субвенционирање на аграрот, со поголем износ од нови 140 милиони евра наменети за земјоделците, преработувачите и општо жителите на руралните средини.

Најголем дел од средствата, или планирани 115 милиони евра, ќе бидат распределени како директни плаќања за покривање на дел од производните трошоци, односно поддршка на приходот на македонските земјоделски стопанства, и тоа 60 проценти насочени кон конкурентните и извозно ориентирани земјоделски производи како што се: производството на тутун, зеленчук, овошје, овчарството и козарството, производството на грозје и вино, оризот, органско производство, пчеларство и за воведување на стандарди за квалитет. И понатаму останува поддршката за тутунарите со 60 денари по килограм предаден тутун.

Економски.мк: Во тек е откупот на тутунот. Како се одвива и дали откупната цена е задоволителна?

Љупчо Димовски: Текот на откупот на тутунот го следиме со посебно внимание на дневна основа. Податоците за динамиката на откупот од страна на Државниот инспекторат за земјоделство ги добиваме од откупувачите компании и од секој откупен пункт, односно секоја поставена вага, два пати во текот на денот. Моментална откупена количина изнесува 24.167.280,06 килограми што претставува 78,04% од проценетата произведена количина ориентален тутун од 30.120.000 килограми, односно 71,47% од вкупната количина од 32.894.205,00 килограми за која се клучени договори. Во изминатиот период со откупувачките компании имаме редовни координативни состаноци на неделно ниво. На наше инсистирање постигнат е договор за зголемување на динамиката на откуп на тутунот и во време на викендите за цел месец февруари, со обврзувачка минимална количина по вага. Законскиот рок на откуп на тутунот е 15 март. Со постојаната динамика сметаме дека и пред овој рок ќе се изврши откупот на ориенталниот тутун. Моменталната просечна откупна цена за досега откупената количина изнесува 154 денари за килограм ситнолистен ориентален тутун. Со оглед дека во предавањето следат погорните и берби со повисок квалитет очекуваме покачување на просечната откупна цена.

Економски.мк:Имаше информациите дека откупувачите манипуилираат со цената. Што покажаа контролите на инспекторите?

Љупчо Димовски: Откупната цена е дефинирана при склучување на купопродажните договори помеѓу тутунопроизводителите и регистрираните откупувачки компании. Истовремено формирањето на откупната цена е условено од понудата и побарувачката на глобалниот пазар. Македонија е дел од тој пазар. Но, истовремено мора да се имаат во предвид состојбите со производството на ориенталниот тутун во регионот. Имено, вкупното производство на ориентален тутун во 2013 година е зголемено за цели 23%, односно произведени се 27 милиони килограми ориентален тутун. На пример, во соседна Бугарија производството на ориентален тутун од типот Крумовград е зголемено за 34% или за 5,5 милиони килограми, во Турција производството на типот Измир, ориентален тутун со врвен квалитет, е зголемено за 24,2% или над 16 милиони килограми, во Грција производството на типот Катерини е зголемено за 18% или за 3,5 милиони килограми. Истовремено, и во Молдавија и во Албанија веќе има сериозно производство на ориентален тутун кое се цени на 15 милиони килограми.

Ова е глобалната слика на производството на ориентален тутун во регионот кое се проценува на над 170 милиони килограми. Оваа откупна година клучниот параметар во формирањето на цената е енормно зголемената количина произведен ориентален тутун. Секако и квалитетот на самиот тутун, кој заради временските услови не го содржи очекуваниот квалитет, за разлика од минатогодишната берба на пример. Од тие причини, од страна на проценителите на откупувачките компании се примени таканаречена потврда линија на проценка. Морам да напоменам дека проценката сепак е во рамките на законот и усвоените и прифатени мерила меѓу договорните страни-производителите и откупувачите. Воедно, согласно Законот за тутун и тутунски преработки на самиот откупен пункт, покрај овластениот проценител проценката ја врши и повереник, односно претставник на тутунопроизводителите.

Во случај тутунопроизводителот да не е задоволен со извршената проценка на квалитетот, односно класата на предадениот тутун тој може да побара нова проценка од страна на второстепена комисија во која, покрај претставник на откупувачот и тутунопроизводителите, учествува и инспектор од Државниот инспекторат за земјоделство кои е со лиценца за проценител на тутун. Морам да напоменам дека станува збор за стручни лица кои професионално и одговорно ја извршуваат својата задача. Оваа година немаше голем број на оспорени проценки, односно оспорени бали ориентален тутун. Но и за тие, од страна на второстепенета комисија за проценка најчесто се потврдуваше првичната проценка. Истото го потврдуваат и вонредните контроли на Државниот инспекторат за земјоделство на откупениот и складирани тутун при што е констатирано дека не постојат сериозни отстапувања во проценката.

 

Економски.мк:Каква е состојбата со откупот на земјоделски производи лани? Има ли пласман за македонеските земјоделски производи?

Љупчо Димовски: Во периодот јануари-октомври 2013 е остварен извоз од 416 милиони евра, што преставува зголемување за 5,5%, во однос на периодот јануари- октомври 2012 кога е забележан извоз со вкупен износ од 394 милиони евра.

Извозот на конкурентните македонски производи пред се тутунот, виното, овошјето, зеленчукот и јагнешкото во последниве неколку години бележи тренд на постојан годишен пораст. За оваа година очекуваме за прв пат истиот да изнесува околу пола милијада евра.

Радува фактот што ова се случува во многу сложени услови на меѓународните пазари предизвикано од влијанието на светската економска криза и рецесијата. Тоа значи дека конкурентноста на македонските земјоделски извозни производи на надворешните пазари и во вакви услови на намалена побарувачка е задржана и подобрена. Секако тука сериозна услога имаат субвенциите како дополнување на приходот на деловните субјекти кои и годинава која изминува и следната се во зголемен износ, но и другите мерки на поддршка на бизнист превземени од владата и министертвото. Овде пред се би ги навел мерките кои се во насока на поддршка при изнаоѓање на пазари и остварување на контакти со надворешните купувачи, покривање на трошоците за амбалажа на винарската и преработувачка индустрија, и на трошоците за национална презентација на најзначајните саеми на најперспективните пазари во светот изминатите и оваа година.

Кофинансирањето на инвестициите во примарното земјоделско производство и преработувачката индустрија преку националната програма за рурален развој и особено преку ИПАРД програмата се најдиректниот инструмент кој има најголемо влијание на подобрување на конкурентноста на секторот. Оваа година направиваме сериозни промени во условите за аплицирање за ИПАРД средставата во насока на обезбедување на поголем пристап на корисниците што имаше реален ефект во зголемениот број на добиени апликации.

Во иста насока продолжуваме во следниот период, вклучително и во 2014 година, кога согласно Националната програма за земјоделството и рурланиот развој за периодот 2013-2017 година, планираме алоцирање на значително повеќе средства за кофинансирање на инвестициите во бизнисот, и во условите за одвивање на деловните активности (особено во делот на наводнувањето, пристапни патчиња), како и во самите услови за живеење во руралните средини.

Економски.мк Каква е состојбата со извоот на македонско вино? Дали конечно е подобрен соодносот меѓу извезеното наливно и флаширано вино?

Љупчо Димовски: Македонија руши рекорди со извозот на вино на странските пазари. Според нашите податоци кои покажуваат дека во 2013 има извоз на вино најголем до сега – 885. 331 хектолитри во вредност од 50 милиони евра. Ако се спореди просек за периодот од 2007 до 2012, лани извозот е за 48 % поголем според количина и 24 % според вредност.

Според експертите во винскиот сектор Македонија станува препознатлив бренд за вино со добар квалитет на странските пазари и за разлика од минатото кога најголем дел од извозоот беше наливното вино со многу пониска вредност, сега се пласира вино во шишиња со квалитет далеку подобар и од минатото. Анализите на ресорното министерство покажуваат дека извозот на вино во ЕУ е зголемен за 45 %, а просечната цена е зголемена за 10 евра по хектолитар во споредба со лани.

Радува фактот дека е остварена примарната цел на сите програми и мерки на Владата и на Министерството за земјоделство за зголемена промоција и препознатливост на македонско вино. Како резултат на истите, во последниве неколку години најзначајно зголемување се забележува кај извозот на вино во шишиња, при што количината на извезено вино во шише од 2005 година од над 5,5 милиони литри е тројно зголемена и достигнува количини околу 17 милиони литри. Зголемувањето на извозот на вино во шише особено е забележително во земјите кои беа таргетирани во рамките на заедничкиот настап на македонските винарии на саемски манифестации финансиран и поддржан од страна на Мини9стерството за земјоделство и Владата – Германија, Русија и Кина.

Извозот на вино во шишиња во овие земји бележи значителен пораст, и тоа во Германија (за 3 пати повеќе по количина и 2,8 пати по вредност), Кина (4,4 пати по количина и 3,8 пати по вредност) и Русија 3,7 пати по количина и 2,7 пати по вредност), покажуваат првичните резултати.

Освен рекордната количина и вредност, виното од Македонија постигна највисока цена по единица производ во последните 10 години за вкупниот извоз на вино (наливно и во шишиња) од 56,32 евра по хектолитар. Гледано по поединиечни земји, во Германија за 5 пати е зголемена количината на извезено вино во шишиња, а за 4 пати неговата вредност. Во Словенија за 4 пати е зголемена количината на извезено вино во шишиња, а за 3 пати неговата вредност, Во Унгарија за 4 пати е зголемена и количината и вредноста на вкупно извезеното вино. Во Романија за 2,5 пати е зголемена и количината и вредноста на извезено вино во шишиња. Во Словачка за 3 пати е зголемена количината на вкупно извезено вино, а за 3,5 пати неговата вредност. Во Кина двојно е зголемена количината на вкупно извезеното вино, а за 3,6 пати неговата вредност, при што кај извезеното вино во шишиња е забележителен пораст од 10 пати по количина и 8 пати по вредност, Во Русија за 60% е зголемена количината на вкупно извезено вина, а двојно е зголемена неговата вредност Во Канада двојно е зголемен извозот на вино и по количина и по вредност, и во САД тројно е зголемен извозот на вино во шишиња и по количина и по вредност.

Економски.мк: Распишавте оглас за концесија на лоивиштата и рибниот фонд во езерата. Што ќе значи ова?

Љупчо Димовски: Вкупно 39 ловишта во 11 региони ќе бидат дадени под концесија. Јавниот повик веќе е во тек, а годинава првпат при доделувањето на ловиштата ќе биде воведена електронска аукција со која ќе се избегне човечкиот фактор.

Од вкупниот број ловишта, 26 се за ситен дивеч и тие ќе бидат дадени под концесија на 10 години, а 13 ловишта се за крупен дивеч и за нив концесијата ќе биде 20 години. Покрај домашните здруженија на ловци, може да конкурираат и надворешни компании коишто се заинтересирани да го вложат својот капитал во развивањето на ловниот сектор во Република Македонија. Постапката за доделување концесија ќе се одвива во две фази и тоа во првата фаза јавно ќе бидат отворени пристигнатите понуди, додека во втората фаза првпат ќе се спроведе електронска аукција.

Со електронската аукција се воведува поголема транспарентност во постапката и се отстрануваат сите можности за определено субјективно однесување од страна на кој било субјект кој учествува во постапката, а се создаваат транспарентни,отворени услови за реализацијата на овој процес. Ловиците, ловечките друштва и стопанските субјекти кои имаат интенција да аплицираат на овој оглас треба да бидат потполно уверени дека единствено нешто што ќе се вреднува ќе бидат нивните понуди.

Во Македонија има 264 ловишта од кои досега 204 се дадени под концесија. За 39 постапката е во тек, а за останатите 24 концесијата истекува во 2015 година.

Исто така Владата под концесија ќе ги даде рибите од водите на Преспанското, Тиквешкото и дел од Охридското Езеро како и водите на шест акумулации и повеќе сливови на реки. Постапката е почната. Повикот е објавен пред десетина дена и се однесува на три концесии за стопански риболов и 25 за рекреативен риболов. Концесиите се даваат на рок од шест години, а ќе бидат за првпат распределени по електронски пат.
Ова придонесува кон економски развој и отворање нови работни места.