Одржан седмиот состанок на министрите за земјоделство и рурален развој во Југоисточна Европа

Date of publication: 
15 November 2013
jpg

Државниот секретар во министерството за земјоделство, на Р. Македонија, Бесир Јашари, денес, во Копаоник, Република Србија се обрати на седмиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство на Југоисточна Европа.

Состанокот го отвори и го водеше државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија – Данило Голубовиќ, кој претседаваше со состанокот наместо министерот Гламочиќ, кој поради повреда на вратот, во последен момент мораше да го откаже учеството. Голубовиќ го презема и претседавањето со SWG од својот косовски колега, министерот Блеранд Ставилеци.

Државниот секретар Јашари ги информираше своите колеги за прогресот во македонското земјоделство постигнат од последниот министерски состанок кој се одржа минатата година во Приштина. Тој извести за текот на подготовката на Националната стратегија за развој на земјоделството и руралниот развој за 2014-2020 година, како и за процесот на изработка на ИПАРД 2 за новиот програмски период. „Земјоделството е најважниот сектор за земјите од регионот, а развојот на секторот бара силна и стабилна регионална соработка која во последните години е значително унапредена благодарение на Постојаната рбаотна група. Ние треба да продолжиме редовно да комуницираме во носењето на одлуки при решавањето на билатералните и мултилатералните проблеми, а како пример за тоа ќе го споменам успешното решавање на проблемот со афла токсинот со кој се соочивме како регион на почетокот на годината.“

Министрите за земјоделство од Југоисточна Европа и шефовите на делегациите, членови на Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG) во Југоисточна Европа, на денешниот состанок, објавија, дека главните цели кои се поставија во 2007 со Дрезденската Декларацијата се постигнати и ја потврдија својата решеност да продолжат со развојот на регионалната соработка во областа на земјоделството и руралниот развој .

Исто така, го поздравија процесот на интеграција во Европската унија, како важна цел во процесот на реформи во земјоделскиот сектор и економската трансформација на руралните области ширум Југоисточна Европа. Изминатите години на интензивни напори за интеграција и меѓусебна соработка во рамките на регионалната организација  отвораат нови можности и поставуваaт нови предизвици за идната соработка за прашања од заеднички интерес.

Во Декларацијата која ја потпишаа министрите за земјоделство и шефовите на делегациите се одредува рамката за идната соработка во областа на земјоделството и руралниот развој,

Го поздравија поставувањето на регионалната платформа за соработка меѓу академските институции и министерствата за земјоделство, со цел да се зголеми капацитетот за објективна анализа на предизвиците и влијанието на политикатаво земјоделството и руралниот развој.
Исто така, се потврди политичката поддршка на иницијативите и активностите кои се преземени за да се олесни одржливиот општествено-економски развој во прекуграничните рурални области од регионот на ЈИЕ. Во овој смисол, ги поздравија превземените дејствија од страна на Постојаната работна група за регионален рурален развој SWG заедно со Европската комисија за поттикнување на руралниот развој во регионот на ЈИЕ преку примена на пристапот за развој базиран на развој на географско подрачје и ја потврдија посветеноста во обезбедувањето политичка, финансиска и техничка поддршка за развој и имплементација на повеќегодишната програма за развој базирана на географско подрачје, за2014-2020. Покрај тоа, министрите изразија подготвеност да ја зголемат соработката во сите други хоризонтални прашања кои се во надлежност на нашите институции.

Во Декларацијата министрите потписници, ја изразија и благодарноста за поддршката од ЕУ на полето на руралниот развој преку ИПАРД инструментот во претпристапниот период. Овој инструмент обезбедува вредна помош во стекнувањето искуство во дизајнирањето на програми за рурален развој кои се компатибилни со програмите на ЕУ и во управувањето со фондовите на ЕУ, како и во воведувањето на усогласеност со стандардите на ЕУ во областа на земјоделството и производството на храна.

Остануваат посветени на принципите за развојот на регионалната трговија и слободното движење на стоки и луѓе во корист на сите засегнати страни, и во споделувањето на заедничките идеи за иден развој, со намера за постигнување на оваа цел и ја потврдуваат подготвеноста за понатамошно проширување на соработката со други институции и за други прашања кои се од значење за земјоделството и руралните средини, меѓу другото шумарството и прашањата за животната средина, за да се олеснат заедничките акции за општо добро на ЈИЕ.

На крајот сите потписници на декларацијата истакнаа дека остануваат тесно посветени на соработката со партнерите од земјите членки на ЕУ и институциите на ЕУ, други регионални иницијативи во Југоисточна Европа и Европа, како и трети земји и меѓународни организации.