Министерот Димовски на шестиот Фестивал на органска храна

Date of publication: 
2 November 2013
 2.jpg

Органското производство во Македонија станува се подостапно за граѓаните и се повеќе е барано и присутно во исхраната. Бројот на органски производители во земјата е се поголем, а се зголемуваат и субвенциите за органските производители.

Според податоците на Министерството за земјоделство, бројот на органски производители минатата година достигнал 580 за разлика од пред пет години кога имало само 150 производители. Зголемени се и сертифицираните површини од 500 на 4.700 хектари.

Граѓаните денеска имаа можност да ги вкусат овие производи на Фестивалот на органска храна што го отвори министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Според министерот Димовски, Македонија има голем потенцијал за развој и унапредување на органското земјоделскко производство. Владината поддршка за овој вид производство ќе продолжи, како и националната кампања за значењето на органската храна.

- Почнувајќи од 2007 година кога беа потрошени 11 милиони денари од буџетот на Република Македонија за финансиска поддршка на органското производство, за само четири години се зголеми за 10 пати, односно се реализираа 110 милиони денари. Висината на поддршката секогаш ја одредуваме во соработка со сите форми на земјоделско здружвување и во согласно со потребите на производителите кои добиваат за 30 проценти повисоки субвенции во однос на конвенционалните производители, истакна министерот Димовски.

Производителите велат дека интересот на граѓаните е се поголем за ваквиот вид на храна. Посочуваат дека станува збор за здрава храна без додатоци која треба да се конзумира.

- Се поголем е интересот на луѓето да купуваат овие производи, а се зголемува и потрошувачката на ваквиот вид храна. Граѓаните се повеќе се едуцираат за овие производи, изјави Кети Гешовска од „Биона“.

Органската храна е произведена од суровини кои немаат адитиви и конзерванси. Цената на овие производи е повисока затоа што се работи за здрави производи без додатоци.

Фестивалот на органска храна се одржува на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Се организира по шести пат од страна на Федерацијата на производители на органски производи под покровителство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.