СООПШТЕНИЕ

Date of publication: 
16 August 2013

Во рамки на подготвителните активности за претстојната откупна сезона на винското грозје, денес, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа работен состанок со претставницитe на здруженијата на лозаропроизводителите од Република Македонија.

На средбата беа опфатени повеќе теми поврзани со позитивните ефекти од досегашното субвенционирање за производството на грозје, моменталната состојба на насадите, очекуваниот род од годинешната берба, квалитетот на винското грозје, состојбите со бербата на трпезното грозје, информации за квалитетот на грозјето и содржината на шеќерни единици, како и темите поврзани со отпочнување на бербата на винското грозје и организираноста во пресрет на отпочнување на откупната сезона.

На средбата претставниците на лозаропроизводителите информираа за зголемениот род на винското грозје оваа година, изразија благодараност до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за досегашната поддршка истакнувајќи ја потребата од продолжување на досегашната комуникација во пресрет на откупната сезона. Лозаропроизводителите беа запознати со активностите кои МЗШВ ги прави во пресрет на откупната сезона, со координацијата со останатите институции во насока на организираност и контрола на откупниот процес како и со интенцијата на МЗШВ за градење на дијалог помеѓу лозаропроизводителите и претставниците на винскиот сектор.

На средбата претставниците на лозаропроизводителите ги истакнаа нивните размислувања за повисоки откупни цени на винското грозје во однос на ланската сезона, барајќи откупната цена на винското грозје да биде дефинирана согласно шеќерните единици на секоја сорта винско грозје, врз основа на различната  технолошката зрелост на секоја сорта.

Во овој контекст, од страна на МЗШВ беше изразено очекување дека ова барање на лозаропроизводителите ќе биде прифатено од страна на претставиците на винскиот сектор, со кои во наредните денови ќе биде остварена уште една средба.

МЗШВ ги повика претставниците на лозаропроизводителите максимално да се вклучат во процесот на подготовки на откупната сезона, за која, беше информирано дека ќе постои целосна координација помеѓу надлежните државни институции и засилени теренски контроли и комуникација со откупувачите и лозаропроизводителите.

Во тој контекст, од МЗШВ беше побарано за секоја утврдена неправилност при откупот, лозаропроизводителите, веднаш да го информираат државниот инспекторат за земјоделство.

На средбата уште еднаш беше потенцирано дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе продолжи да биде поттикнувач во процесот на градење на дијалогот помеѓу лозаропроизводителите и претставниците на винскиот сектор, како потреба која е во интерес и на двете страни.