Соопштение

Date of publication: 
6 August 2013

Повторно се потврдува заклучокот дека ниту повеќе часовната расправа за состојбата со откупот на пченицата на „стручните и загрижени“ во СДСМ, оддржана во собраниската Комисија за земјоделство, не успаеа да го измести нивниот став за излез од нешто за кое што тие сметаат дека постои.

Освен голата тафтологија и бледите фрази со критика кон сѐ и сешто, ништо друго не можеше да се слушне.

Секако, освен нивното зачудувачко непознавање и жалното непоимање на елементарни пазарни законитости.

Дали во СДСМ сѐ уште не се освестени за големата штета која ја предизвикаа со јавното лицитирање на датумот на сминување на мерката?

Дали тие на расправата не покажаа пред јавноста, но особено пред земјоделците, дека всушност и посакуваат да се случи нешто што по секоја цена ќе биде на штета на земјоделците.

Кога сето тоа тоа не им успеа, сега се активира втората фаза во сценариото за создавање конфузија. Оттаму е и активирањето на медиумска поддршка со веќе познатите фрази за „алармантна“ ситуација, за „паника“ меѓу земјоделците и слично.

Но, жално е тоа што СДСМ се сведува на дистрибутер или подобро кажано на лиферувач на соопштенија на непостоечка редакција во непостоечки медиум од постоечки пратеник со тенки знаења, но со голема злоба кон земјоделците кои ја имаат искажано недовербата кон него.

Врз основа на кои индикатори „стручните и загрижени“ во СДСМ дошле до констатација дека состојбата со откупот е многу лоша?

Дали воопшто им е позната до сега откупената количина на пченица, дали воопшто им е познато на кој принцип и според која цена воопшто може да се изврши, а и од кого, интервентниот откуп?

За жал и во оваа прилика ќе ги разочараме „загрижените и стручните“ во СДСМ со податокот дека Министерството за земјоделство во соработка со вистинските земјоделци ги има разработено сите модели за успешно приведување на откупот на пченицата од овогодишната реколта.

Патем, за какво избегнување на одговорност прашуваат „загрижените и стручни“ во СДСМ? Можеби за пренасочување на општествената одговорност на одредени мелничари кои никако да се справат со обврските кои ги имаат во иста мера како и правата.

За сите мерки кои се преземени од Министерството за земјоделство и од Владата или за сите договори кои се постигнати или пак и за условите во кои започна и се врши откупот. Или пак за квалитетот на житното зрно, на пример.

Дали сите овие елементи „стручните и загрижени“ во СДСМ ги имале во предвид, или дали воопшто за нив размислувале, пред да излезат со предлогот за висината на цената на пченицата според која би се извршил интервентен откуп.

Или, сепак, пред да излезат со соопштението би било многу подобро да ги проучат законите, кои патем токму тие ги гласале, по што ќе можеле да ја сфатат вистинската ситуација.

Зошто сега кај „стручните и загрижени“ во СДСМ има толку голема грижа за мелничарите кои наводно треба да го сносат целиот товар во откупот, заради големите залихи на брашно кои им создавале проблем. Патем кој го има увезено сето тоа брашно кое создава проблем и ги оптеретува мелничарите, дали се запрашале во СДСМ.

Но, сега треба државата да интервенира со посебна цена и на посебен начин.

Тоа е единствениот предлог од „загрижените и стручните“ во СДСМ и ништо повеќе.

Сѐ со единствена цел, со своето лицемерие и смешна дволичност да им се доближи на земјоделците прикажувајќи се како загрижен фактор за нивните интереси.

Крајно смешно, крајно цинично, крајно неодговорно и крајно нестручно со големо незнаење. Карактеристично за „стручните и загрижени“ во СДСМ.

И конечно, оставете ги земјоделците на мира, затоа што има кој да се грижи за нивните интереси и иднина.

Во иста мера како и за мелничарите, но и за сите останати земјоделски производители.