- Ministry
- About the ministry
- Public relations
- Documents
- Organic production
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Потпишана Рамковната програма на ФАО за Република Македонија 2013-2015Date of publication: 14 March 2013Денеска во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се потпиша Рамковната програма на ФАО за Република Македонија 2013-2015. Во име на Владата на Република Македонија, потпиша Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, заедно со Тони Алонзи од Организацијата за храна и земјоделство на ОН и Деирдре Бојд, постојан претставник на Обединетите Нации во Република Македонија. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО), имаат долгогодишна успешна соработка заснована на бројни проекти и програми за поддршка на процесот на трансформација на земјоделскиот сектор согласно барањата на ЕУ и за поддршка на развојот на руралните средини. Како резултат на опширни консултации и врз основа на своите развојни стратегии Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со релевантните технички единици на ФАО ја изготви Рамковна програма на ФАО за Република Македонија 2013 - 2015 година. Рамковната програма на ФАО за Република Македонија ги дефинира приоритетните проекти кои ќе бидат поддржани од ФАО во наредниот тригодишен период, а покрај националните проекти, програмата предвидува спроведување на регионални проекти, наменети за земјите од Западен Балкан и земјите во регионот. Овој документ претставува заедничка сопственост на Владата на Република Македонија и ФАО и ја изразува сериозната посветеност на ФАО, да и помогне на Владата на Република Македонија во нејзините напори да ги оствари целите за национален развој во земјоделскиот и руралниот сектор. Рамковната програма ќе се спроведува со што е можно пошироко партнерство и со другите донатори во земјата, со цел подобра координација и ефективност на помошта. Во програмата се утврдени неколку приоритетни области за поддршка, како руралниот развој, конкурентноста на земјоделството, шумарство, фитосанитарната политика и земјоделската инспекција, а предложените проекти ќе имаат директно влијание врз зголемување на конкурентноста на секторот, постигнување квалитет и безбедност на храната, одржливо упрaвување со ресурсите, јакнење на капацитетите на институциите за да одговорат соодветно на предизвиците и ефикасно да ги спроведуваат политиките за развој на земјоделеството. Во овие области, ФАО има компаративна предност и техничка експертиза која може да се озбезбеди преку проекти за техничка соработка, пришто дел од утврдените проекти, меѓу кои проектот за педолошката карта, подготовка на националната статегија за земјоделство и рурален развој 2014-2020 година, ажурирањето на статегијата за органско производство се во фаза на спроведување, додека проектот за намалување на ранливоста на земјоделскиот сектор кон климатските промени и проектот за поддршка на консолидацијата на земјоделското земјиште се очекува да започнат до крајот на годината и во текот на 2014 година. На состанокот кој се одржа по потпишувањето на рамковната програма министерот Димовски ги презентираше состојбите во секторот и долгорочните политики на Владата на Република Македонија за унапредување на земјоделството и развојот на руралните средини. Министертот Димовски нагласи дека поддршката од ФАО е добредојдена со цел поефикасно остварување на зацртаните цели и ја изрази определбата на министерството за земјоделство за понатамошна тесна соработка при спроведувањето на проектите предвидени во Рамковната програма кои се многу значајни за заокружување на реформскиот процес во земјоделскиот сектор. Во текот на разговорот, Министерот Димовски го покрена и чувствителното прашање за неодамнешните поплави кои во најважниот регион за Република Македонија за производството на раноградинарски култури, предизвикаа големи штети, што во одделни случаи резултираше со целосна загуба на производството. За Република Македонија раноградинарските производи се многу значајни, бидејќи тие претставуваат еден од статешките извозно ориентирани производи, така што свесна за оваа состојба Владата на Република Македонија, веќе презеде одредени мерки, во вид на еднократна парична помош за најпогодените семејства, но исто така е неопходно обновување на земјоделското производство за што ќе ни биде потребна дополнителна помош, истакна министерот Димовски. Во тој контекст, во најскоро време МЗШВ ќе достави барање до техничката единица на ФАО одговорна за одобрување итна помош на земјите кои се погодени од ваков вид непогоди. Регионалниот директор на ФАО г-дин Алонзи и постојаниот претставник на ОН во Република Македонија, г-ѓа Бојд го изразија своето задоволство од успешната соработка со МЗШВ, истовремено ја истакнаа важноста од потпишувањето на Рамковната програма на ФАО за Република Македонија како основа за соработка во наредниот тригодишен период. |