ФЗНХ пример за врвна научна институција од областа на земјоделството и храната во Македонија

Date of publication: 
13 December 2012
jpg

Осовременувањето на земјоделското производство, зголемувањето на обработливата површина, на вкупната продукција и на извозот, се само некои од индикаторите за ефектите од владината аграрна политика, од се што е вложено во македонското земјоделство последниве шест години, рече денеска министерот Љупчо Димовски по отворањето на 37. средба „Факултет-Стопанство“ на Факултетот за земјоделски науки и храна.

Но, овие резултати, додаде, ни приближно не ќе можеа да се постигнат без соработката со науката, пред се со Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ).

- Во досегашниот период, ФЗНХ или генерално, македонската земјоделска наука, има посебно место во поддршката на напорите за градење конкурентен земјоделско-прехранбен сектор во Република Македонија. Ваквата позиција во следниот период треба да биде потврдена и дополнително зајакната особено што пред секторот, руралните средини и државата престојат низа предизвици за подобрување на резултатите и општата благосостојба, рече министерот.

Според него, ФЗНХ е пример за врвна институција од областа на земјоделството и храната во земјава. Стручните кадри кои ги поседува целосно одговараат на барањата на современото земјоделско производство.

- Факултетот во досегашниот 65-годишен развој е дел од се што се случуваше во македонскиот земјоделско-прехранбен сектор. Освен што продуцирал 7.300 дипломирани земјоделски инженери, 115 специјалисти, 400 магистри и 23 доктори на науки, и директно партиципирал во трансферот на знаења и технологии. Се она што го истражил, што го добил од научно-истражувачката работа, го пренел на производителите како директни корисници на новините, истакна деканот Драги Димитриевски.

Факултетот е и дел од она што се случува во институциите на земјоделско-прехранбениот систем, како и од градењето на аграрните политики. Неговиот капацитет им е секогаш на располагање на Министерството и на производителите со цел успешно заокружување на трансформацијата во современ аграрен систем прилагоден кон заедничката европска политика. Во овој контекст, напомена деканот, неопходна е уште поголема поддршка за постигнувањето на потребните стандарди посебно за поинтензивните гранки, извозно ориентираните и конкурентните за Македонија, градинарството, лозарството, овоштарството, сточарството и прерабтувачката инсдустрија.

- Значењето на Факултетот во развојот на македонскиот земјоделско-прехранбен сектор е несомнен и круцијален. Особено радува фактот дека земјоделците и стопанството се се повеќе заинтересирани за користење на научните истражувања и достигнувања, посочи Димитриевски.

Паралелно со манифестацијата „Факултет-Стопанство“ што се одржува веќе 40 години, ФЗНХ, по повод 65 години од основањето, организира дводневен Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна во кој се обединети досегашните Симпозиумот за лозарство и винарство, како и Симпозиумот за градинарство и цвеќарство.

На Меѓународниот симпозиум ќе бидат презентирани преку 200 трудови од земјата и странство. Годинава во фокусот е бизнис секторот поради што, во централниот хол на Факултетот е одвоен простор за промоција на резултатите кои компаниите од земјоделството ги оствариле како трансфер на технологија или како развој на сопствен производ и технологија