Презентирана стратегијата за подобрување и следење на квалитетот на млекото 2013-2020

Date of publication: 
8 November 2012
 совет.jpg

 

Расниот состав, исхраната, здравствената заштита и крмната база се клучни фактори за подобро млекопроизводство. Овие параметри се дефинирани како приоритети во стратегијата за подобрување и следење на квалитетот на млекото 2013-2020 што денеска беше презентирана пред Советот за земјоделство и рурален развој.

- Станува збор за стратешки документ кој го трасира развојот на млекопроизводството, подигнувањето на неговиот квалитет и задоволувањето на условите што ги бара Европската унија. Се надеваме дека до 2020 година ќе ги исполниме сите потребни стандарди и критеруми, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

- Стратегијата за подобрување и следење на квалитетот на млекото 2013-2020 е сериозен документ за многу значаен сектор. Проверувањето на квалитетот се однесува на неколку сегменти, примарното млекопроизводство, преработката и целиот синџир понатаму, до потрошувачите. Предвидено е како ќе се зголемува примарното производство и како ќе се подобрува квалитетот на фарма, како потоа количините ќе одат во преработувачките капацитети и како ќе се дистрибуира. За се ова се креирани активности, предложени како мерки со цел конкретно реализација на Стратегијата, рече деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Драги Димитриевски.

Како што рече професорката од Факултетот за земјоделски науки и храна Соња Србиновска, најголем проблем се малите фарми со една до три крави. Тие тешко ги исполнуваат условите. Целта на стратегијата е нивно окрупнување и зголемување на бројот грла, начин на кој ќе се подобри и квалитетот. Кај големите фарми имплементирањето на европските стандарди е целосно.

- На фармерите им дадовме период од четири години да се прилагодуваат, полека да го подобруваат квалитетот на млекото. Со имплементација на Правилникот донесен лани, кој предвидува плаќање по квалитет, подобрите фармери ќе добиваат повисока цена и ќе ги стимулираат послабите да го подобруваат млекото. Од друга страна, државата, со начинот на субвенционирање исто така по квалитет, ќе го поттикне постигнувањето на стандардите, нагласи Србиновска.

Клучни параметри при одредувањето на цената ќе бидат протеините и мастите чиј однос треба да е 60:40. Класите, пак, се формираат врз основа на присуството на микроорганизми и соматски клетки.

- Согласно европските стандарди, еден милилитар млеко треба да има максимум 100.000 бактерии и 400.000 соматски клетки, обезмастена сува материја најмалку 8,5 проценти и три отсто протеини, објасни професорката.

Во 2008 година имаше мал број анализи, а исполнувањето на европските нормативи беше околу два отсто. Сега бројот на анализите е зголемен, но се уште не се покриени сите фармери. Србиновска посочи дека во однос на соматските клетки сите резултати од анализите се добри што покажува дека маститисот е веќе во граници на нормала. Уште малку проблеми има со микроорганизмите, но и тие ќе се надминат со примена на стратегијата и останатите планирани мерки.

Субвенционирањето на млекото по квалитет ќе почне за две години. Дотогаш, сметаат експертите, фармерите ќе успеат да го адаптираат производството согласно бараните стандарди. Во меѓувреме, како што најави министерот Димовски, покрај постоечките две, во Скопје и Пелагонија, треба да се отворат уште две акредитирани лаборатории за контрола на квалитетот, во источна и северозападна Македонија.

Професорот Владимир Џабирски од Факултетот за земјоделски науки и храна како неопходни за поголем квалитет на млекото ги потенцира подоброто менаџирање со исхраната и подобриот начин на одгледување. Негова оценка е дека засега големината на фармите и генетиката на добитокот не задоволуваат, но со поддршката што ја обезбедува државата, фармите можат да бидат рентабилни.

- Постои мерка која се однесува на јакнење на крмната база, која треба да го зголеми капацитетот на сточна храна. Така ќе овозможиме соодветна поддршка на млекопроизводството, рече Џабирски.

Фармерите се убедени дека ќе успеат да го прилагодат млекопроизводството во претстојниот период од две години. Сепак, големо внимание, велат, ќе мора да се посвети на нивната едукација. Тоа во моментов е најбитниот сегмент за подобрување на квалитетот на млекото.

- Едукацијата на земјоделците е неопходна зашто само така ќе можат  во пракса да ги применат сите претходно спомнати фактори, расниот состав, исхраната, заштитата,... Посебен стимул ќе бидат исплатата на млекото и давањето на субвенциите по квалитет. Тоа се два добри разлога за да произведуваме квалитетно млеко, изјави претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев.

Според него, за да се произведе квалитетно млеко, не треба многу. Најнужно е да се посвети внимание на хигиената, да се обезбеди добра, квалитетна храна, да се зголемат површините со јачмен за 30 отсто и со пченка за 20 проценти, за да имаме сопствено производство на добиточна храна кое секогаш е поевтино од увезеното.

Годишната продукција на млеко во Македонија едвај достигнува 3.000 литри од крава. Моменталната цена на млекото од 18 до 20 денари за земјоделците е незадоволителна зашто добиточната храна, нагласуваат, е прескапа.

По разгледувањето, стратегијата треба да биде усвоена од Советот. Оттаму, оди во владина процедура. Во нејзиното изготвување учествуваа сите чинители, производителите, преработувачите, науката и надлежните институции.