Донесена Петгодишната програма за земјоделство и рурален развој

Date of publication: 
25 October 2012
jpg

Владата ја донесе Програмата за земјоделство и руралeн развој за период од 2013 до 2017 година со која за првпат за пет години се дадени насоки како ќе се одвива финансиската поддршка за земјоделците.

Планирано е во следните пет години да бидат доделени вкупно 725 милиони евра субвенции од кои во 2013 година - 135 милиони евра, во 2014 - 140 милиони евра и од 2015 до 2017 година по 150 милиони евра.

- Досега беа носени програми за финансиска поддршка за период од една година што на земјоделците им даваше чувство дека може да дојде до некакви посериозни измени во следната година. Со цел да ја избегнеме таа несигурност се одлучивме овој пат да донесеме петгодишната програма во која на детален начин се кажува во која насока ќе одат субвенциите, истакнаа денеска на заедничка прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски.

Во следните пет години посебен акцент ќе биде ставен на поддршката на капиталните инвестиции во земјоделството преку зголемување на буџетот за рурален развој кој ќе се движи над 30 милиони евра на годишно ниво.

Во програмата зголемен е и буџетот на Земјоделскиот кредитен дисконтeн фонд во насока на поволни кредити за откуп на производство за преработка и извоз. Така, во 2013 година за оваа цел планирани се три милиони евра, во 2014 - четири милиони евра и од 2015 до 2017 година по пет милиони евра.

Како новитет во Програмата се воведува и принципот на добри земјоделски и хигиенски пракси под кои се подразбира задолжително користење сертифициран семенски и саден материјал, правилна употреба на ѓубрива и обработка на земјиштето.

- Минимум 25 проценти од износот наменет за субвенции ќе биде врзан со задолжителната примена на овие принципи, појасни Пешевски.

Зголемена поддршка ќе има и за производите кои се извозно ориентирани и со зголемена додадена вредност, а во Програмата предвидени се и мерки за амортизирање на влијанијата од климатските промени.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, со овој документ им се нуди стабилност и сигурност на земјоделците за да го планираат своето производство.

Нагласи дека во програмата не е запоставена социјалната компонента, но акцентот е ставен на развојната компонента.