Се чисти каналот за наводнување Радиовце Бистрица во близина на село Камењане

Date of publication: 
24 July 2012

Државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Бесир Јашари денеска ги посети работниците на фирмата „Бибај Компани“ од Селце кои го чистеа каналот за наводнување Радиовце Бистрица во близина на селото Камењане.

 

- Во Полошкиот регион, според нашиот план ќе се исчистат околу 33,6 километри на магистралните канали за наводнување. Од нив околу 10,8 километри отпаѓаат на каналот Радиовце Бистрица во тетовско, а во гостиварско 14,8 километри на каналот Здуње Пирок и 7,8 километри на каналот Равен Врапчиште. Се работи веќе две недели и досега се завршени околу 50 отсто од предвидените работи, изјави Јашари.

 

Тој потенцираше дека сега се интервенира на најкритичните точки на каналот во Тетовско што биле затрупани од земја, дрвја и останат смет и дека по чистењето низ каналот се очекува да минуваат максималните 8 кубни метри вода за наводнување. Од буџетот на државата за чистење на каналот Радиовце Бистрица определени се околу 90 илјади евра.

 

- Овие активности требаше да започнат во април годинава но поради административната процедура додека планот помине на седница на влада како и процедурата за јавен тендер работите започнаа на почетокот на јули, рече Јашари.

 

На работите кај Камењане присуствуваа и раководителот на подрачната единица на Министерството за земјоделство од Тетово Џабир Абдулаху, како и директорот на регионалното водостопанство Полог од Гостивар, Фаредин Акику